УБ | Арсовски: Кампањите се здодевни оти сѐ уште немаме основни работи по општините

3 mins read

Привршува изборната кампања и не видовме ни чувме нешто специјално што ќе ни го привлечеше вниманието. Целата кампања наликуваше како да сме пред 10 или 15 години. За тоа зошто беше здодевна оваа изборна кампања разговаравме со аналитичарот Петар Арсовски.

-Мислам дека поголем дел од партиите овие избори ги гледаат како нужно зло оти доаѓаат во ситуација кога имаме низа нерешени проблеми на национално ниво. Изненадување на овие локални избори требаше да дојде од независните, но ни тоа не се случи, вели Арсовски за Утрински брифинг.

И на овие избори кандидатите кампањата ја водеа како и досега, без инвентивност во кампањите, повторно од врата до врата со запалки и пенкалца, а никој не се сети да донесе садници иако сите зборуваат за екологија.

-Ние не сме ги надминале зелените агенди, не сме стигнале до нив. Ние канализација немаме и други основи потреби на граѓаните. Можеби гласачите не се заинтересирани за расад ако немаат струја во влезот? Гласачите се сѐ позаинтересирани за поприземни работи покажуваат анкетите, вели Арсовски за Утрински брифинг.

Тој вели дека во последно време сме соочени со екстремен популизам и недостиг на лидерство, па во оваа ситуација и не може да се очекува нешто повеќе, кога сите партии се настроени предаторски, вели Арсовски.

-Има мал број, мал процент на гласачите кои имаат антиестаблишмент позиција и расположение кое е резултат од апатичноста. Но, ова е премногу мал дел од гласачко тело. Тоа се луѓе на кои им е доста од големите партии и тие сакаат промена но не сакаат анархија, вели Арсовски.

Во таа смисла, Арсовски вели дека независните, третите листи се доказ дека на граѓаните им е здодеано од големите партии.

-Тие ќе освојат еден или два советника, но потоа нивните бунтовнички понуди ќе се стопат со коалиции и политичката партија на градоначалникот, вели Арсовски.

Водењето кампања со одење од врата на врата не може да промени многу, но кога се рејтинзите блиску, може да помогне еден или два процента, коментира Арсовски и додава дека локалните митинзи и кампањата од врата до врата е за сопственото гласачко тело на партиите, а не за неопределените.

-Националната политика во моментов е влијателна поради ЕУ интеграциите и поскапувањата. Инаку, сѐ помалку влијае оти на локалните избори гласачите сакаат личности кои ќе бидат лојални на нивните потреби, вели Арсовски.

Целиот разговор во видеото.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Зеленски: Украина и е благодарна на ЕУ за рестриктивните мерки против Русија

Следно

Перез и Рајола конечно ќе соработуваат, Погба доаѓа на „Сантијаго Бернабеу“?

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian