ФОТО | Дрвокрадците на Скопска Црна Гора „работат“ 24/7: Ноќе брмчат пилите, дење камионите со украдени дрва

5 mins read

Квалитетна дабова и букова шума интензивно се сече на Скопска Црна Гора, над селата Бањани, Љубанци, Љуботен, Раштак. Жители на околните села кажуваат дека ноќе слушаат моторни пили, а преку ден „пленот“ се прибира и се транспортира со камиони без таблички или со помали теренски возила. За разлика од претходните години, дрвокрадците годинава работат навечер за да не бидат фатени на дело.  

Екипа на „Слободен печат“ деновиве беше на терен, во близина на селото Љубанци, поточно кај Љубански Преслап, клисурата на Љубанска Река и кај месноста Рамно. Се соочивме со дива сеча од огромни размери. Најмногу од исечените дрвја се млади и здрави. Онаму каде што е уништен шумскиот фонд од поодамна, веќе можат да се забележат карактеристичните знаци на ерозија, односно испирање на земјата од дождовите и создавање длабоки бразди.

Ризично е камионите да се сликаат одблиску

За време на обиколката, се разминавме со неколку повеќетонски камиони кои се движеа празни по макадамскиот пат по сртот на планината. Тргнуваа од Рамно и се симнуваа кон Љубанска Река. Нешто подоцна натоварени заминаа по истиот пат кон исток. Од планинари и од локални жители бевме предупредени дека не е безбедно возилата да ги сликаме одблиску, па направивме снимки од безбедна оддалеченост.

Скопска Црна Гора, сеча на дрвја / Фото: Слободен печат, Југослава Дуковска

– Секој викенд сум на Скопска Црна Гора, бидејќи работиме на уредување планинарски патеки и многупати сум се сретнал очи в очи со луѓето што ја сечат шумата. Не дозволуваат да ги сликаш, агресивни се, иако велат дека им е гајле што ќе ги пријавам – вели еден од планинарите што ги затекнавме.

Како и досега, тој уредно пријавил точна локација и состојба што ја затекнал минатиот викенд во Шумската полиција и во Инспекторатот за шумарство.

– Да, ја добивме пријавата и веднаш е пратена патрола. Ние сме различни служби, но јас контактирав и со Шумската полиција, тие се директно задолжени за бесправни сечи и кражба на дрва – потврдија за „Слободен печат“ од Инспекторатот. Дека добиле пријава, потврди и вработен во Шумската полиција.

Надлежните велат дека се постојано на терен и дека одземаат возила со украдени дрва, но криминалот со нелегалната сеча продолжува со несмалено темпо.

– Минатиот петок одзедовме камион со дрва на Скопска Црна Гора. Што се однесува до појавата на нерегистрирани возила кои го транспортираат украденото дрво, за тоа е задолжена сообраќајната и граничната полиција. Доколку ги видат тие нерегистрирани возила, треба да ги отстранат од сообраќај – вели Аница Симонова, началничка на Шумската полиција при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Скопска Црна Гора, сеча на дрвја / Фото: Слободен печат, Југослава Дуковска

Таа додаде дека толку можат со две возила (уште две не се во функција, н.з.) и со вкупно 26 вработени за цел Скопски регион.

– Даваме сѐ од себе да се заврши работата. Одиме на терен заедно со МВР, со колегите инспектори за стопански криминал, но тешко се покрива целиот простор од Сарај до Скопска Црна Гора, тука се и Китка, Караџица, Јакупица – вели Симонова.

Немаат униформи и чизми, а камоли дронови

На нашето прашање зошто, кога веќе нема доволно луѓе и возила за на терен, барем не се обезбеди поддршка со дронови што ги има Министерството за внатрешни работи, а со чија помош и помали екипи би можеле да вршат увид на поширок простор и на непристапен терен, началничката посочи дека службата допрва се опремува со основни работи – униформи, чизми, кои до неодамна ги немаше.

– Десет години немавме задолжено униформи, до 2017-та немавме чизми, вработените имаа плата од 17.300 денари. Немавме компјутери и печатачи, немаме интернет, сите документи сѐ уште ги праќаме по пошта – вели Симонова, но додава дека сега се вработуваат нови луѓе, платите се покачуваат и секоја година со буџетот се планираат нови вработувања. Покрај тоа, соработуваат и со италијанската амбасада, а аплицирале за помош и од ИПА-фондовите.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Врховниот суд на САД денес решава околу смртната казна за бомбашот Царнаев

Следно

Саудискиот принц не жали пари, нуди милијарда евра за да го купи и Интер

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian