Адвокатот на Камчев се жали дека неговиот клиент бил понижен, пресилно стегнат со лисици и легнат на земја

3 mins read

Aдвокатот на обвинетиот бизнисмен Јордан Камчев, Тони Менкиноски, денеска на судското рочиште за случајот „Плацови на Водно“ обвини „овластени лица“ за „нарачано изживување врз Камчев“ на 5 октомври, кога обвинетиот од затворот во Шутка бил спроведен до Јавното Обвинителство за организиран криминал.

Според Менкиновски, врз неговиот клиент било постапено нехумано и на понижувачки начин.

„Во текот на спроводот, спротивно на начинот и методологијата на спроведувањето на лица лишени од слобода на понижувачки и деградирачки начин, Јордан Камчев е спроведен од затворот Шутка до просториите на Јавното Обвинителство за организиран криминал. Притоа, ваквото однесување на овластените лица кои постапувале по вашата наредба е надвор од Законот за полиција и не е во соодветност со правилникот за постапување на лица лишени од слобода. Должни сте да го испитате случајот, бидејќи Вие сте во моментов единствениот орган кој се грижи за основните слободи и права на господинот Камчев. Доколку сакате и доколку сметате, околу фактичкиот настан, да ви објаснам, дека Камчев бил легнат на земја, јавно претресуван. Лисиците – тоа го виде и Обвинителката, му беа толку многу врзани на задниот дел на телото што немаше крв во рацете, спротивно на Правилникот за постапување на лица лишени од слобода. Барам од вас да преземете дејствие и да се вклучите во постапката, рече во своето обраќање адвокатот Менкиноски, кој е дел од одбраната на Камчев.

На ова се надоврза и самиот Камчев, кој додаде дека бил претресуван легнат на земја, во надворешниот дел на затворот.

„Бев претресуван надвор од зградата, меѓу двете комбиња и се исмејуваа затвореници надвор, од прозорите, значи не во внатрешен дел, туку на трева. И првпат ми беа лисиците позади грб врзани и стегнати и не можев да седам во комбето, бидејќи клупата беше само 20-30 сантиметри и цело време се седеше на земја. Беше едноставно изживување. Толку сакам да кажам. Тоа се констатираше отпосле и со повредите на рацете и го пријавив настанот во Обвинителството“, рече обвинетиот бизнисмен, на кого судот денеска му го одби барањето за замена на притворот со домашен притвор..

Бидејќи изживувањето, како што велат, континуирано продолжува, одбраната најави дека конкретно за овој случај ќе поднесе кривични пријави за овластените, одговорни лица кои го вршеле спроводот, а ќе поднесе и жалба до Народниот правобранител на РСМ и ќе ја дополни апликацијата која е веќе испратена до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Норвешката премиерка поднесе оставка: „Горда сум на успехот“

Следно

У21: Македонија ја оствари првата победа во квалификациите за ЕП

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian