Спасовски: 11 Октомври е вредно наследство кое го добивме од учесниците во Народноослободителната борба

3 mins read

Со гордост и достоинство го одбележуваме 11 Октомври, како еден од најзначајните датуми во нашата историја, како паметник и потсетник дека пред 80 години македонскиот народ ја донесе вистинската одлука – да пристапи кон антифашистичката коалиција, кревајќи востание како почеток на народното ослободително движење, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во честитката по повод државниот празник.

Спасовски истакна дека 11 Октомври претставува непобитен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Тоа е датумот на едно победничко востание, континуум на слободарските традиции на нашиот народ. Тој додава дека ова е еден од најсветлите датуми во историјата на државата.

– Затоа и засекогаш ќе се поклонуваме на храброста на нашите предци, на оние од Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев”, на оние што во областа „Студена вода” го формираа Кумановскиот односно Козјачкиот партизански одред, а кај „Менкова колиба” и Карадачкиот партизански одред. Но и на сите оние кои во чекор ги следеа во нивниот подвиг и жестоко се бореа за остварување и зачувување на идеалите за слобода, рамноправност и сувереност, пишува во честитката.

Министерот додаде дека благодарени на борците, нашата земја даде огромен придонес во победата на фашизмот во Втората светска војна.

– Благодарение на нив го дочекавме сопственото ослободување! Без ова ослободително движење Македонија немаше да постои! Таа е создадена од азбуката на нашето минато, од илјадниците борци кои ги положија своите животи, создадена е од историјата. Токму затоа и не можеме да ја менуваме историјата. Таа не ни припаѓа нам, туку ние на неа, вели Спасовски.

Тој додаде дека антифашистичката борба мора да претставува точка на обединување на граѓаните, независно од партиска, верска или етничка припадност.

Спасовски вели дека 11 Октомври е вредно наследство кое го добивме од учесниците во Народноослободителната борба. Пред спомените и спомениците кои сведочат за нивните херојства, министерот вели дека сите ние – претходните и идните генерации – сме обврзани да го чуваме тоа наше завештание, да ја негуваме нивната непоколеблива верба во слободата и да продолжиме да ги чуваме и негуваме нивните идеали и визии.

– Сега, радувајќи им се на слободата и државноста, остануваме посветени на задачата да ја чуваме и развиваме нашата татковина и да ги почитуваме демократските вредности и вредностите на сите народи во земјата, на сите заедници кои живеат тука и го создаваат нејзиниот културен колорит, нејзиното современо богатство, да дадеме уште еднаш свој придонес кон напредните цивилизациски вредности. Нека ни е честит и вековит 11 Октомври! Да живее Република Северна Македонија, пишува министерот во честитката.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Истражување: Негативното го надминува позитивното на социјалните медиуми

Следно

После борбата во Лас Вегас, Фјури заработи 10 милиони долари повеќе од Вајлдер

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian