Дерматовенеролог Весна Бришкоска-Бошковски:  Хронична венска болест е повеќе од естетски проблем

8 mins read

За многумина, овој проблем може да е од естетска природа, но проширените вени може да бидат и доста болни и да се показател за поголем здравствен проблем, вели доцент д-р Весна Бришкоска-Бошковски спец. дерматовенеролог во ЈЗУ ГОБ „8 Септември“ Скопје.

Што се проширени вени?

– Проширените или варикозни вени се зголемени, отечени и елевирани вени, видливи под површината на кожата, кои можат да бидат со боја на кожа, темновиолетови или сини. Може да се појават насекаде по телото, но најчести се на нозете. Пајачестите вени и телеангиектазиите се поблаг вид проширени вени, кои се помали, имаат црвена или сина боја и често се наоѓаат на лицето и на нозете, веднаш под кожата. Проширените вени се многу често заболување, со преваленца од 30-40 отсто од возрасната популација во западните земји, а 80 отсто од популацијата има телеангиектазии и минорни поткожни венектазии без инсуфициенција на површните венски сплетови. За многумина, овој проблем може да е од естетска природа, но проширените вени може да бидат и доста болни и да се показател за поголем здравствен проблем.

Што е хронична венска болест? Кој е етиолошкиот причинител за нејзино настанување?

– Голема улога во настанувањето на варикозните вени имаат венските валвули, кои овозможуваат антерограден проток на венската крв од површните кон длабоките вени. Дисфункција на валвуларниот апарат, резултира со патолошки т. н. ретрограден проток или рефлукс. При појава на рефлукс следува задршка на крв дистално поради што доаѓа до проширување на вените односно појава на варикозитети. Ова предизвикува зголемување на притисокот во вените на ногата, што резултира со оток и секундарни воспалителни промени на кожата. Целиот спектар на оваа болест се нарекува „хронична венска болест“ (ХВБ).

Кои се ризичните фактори за појава на хронична венска болест?

– Најчестите ризични фактори се: возраст: инциденцата на ХВБ значително се зголемува со возраста. Пол: ХВБ е почеста кај жените поради флуктуации во нивото на хормоните во текот на животот (пубертет, бременост, менопауза). Фамилијарна анамнеза за венска болест или генетски фактори. Седечки начин на живот. Професија асоцирана со пролонгирано стоење, траума, дебелина или прекумерна телесна тежина, пушење.

Кои се симптомите и знаците на ХВБ?

– Симптомите и знаците кај болните со ХВБ се последица на структурални и функционални нарушувања на вените и на венските валвули. Симптомите се јавуваат во напреднат стадиум на болеста и доведуваат до намалување на квалитетот на животот. Најчести симптоми се:

– големи, темносини или виолетови, проширени, испакнати, често и извртени или пајачести вени под кожата на долните екстремитети;

– болка и грчеви во нозете, чувство на тешки и уморни нозе, јадеж;

– оток во нозете или најчесто околу скочниот зглоб, кој се влошува во попладневните часови;

– промена на бојата на кожата, дамки и пигментации најчесто во дисталните делови на потколениците, а во подоцнежните стадиуми и стврднување на поткожното ткиво или липодерматосклероза;

– венските рани се крајниот стадиум на ХВБ, се јавуваат дистално на потколениците на местото на постојните варикозитети и значајно го влошуваат квалитетот на животот кај пациентот.

Како се дијагностицираат проширени вени?

– Дијагнозата  се состои од анамнеза, физикален преглед, дијагностички и функционални испитувања. Физикалниот преглед подразбира преглед во стоечка положба.

Во физикалниот или клинички преглед треба да земе предвид следното: утврдување на eкстензивноста и локацијата на варикозитетите: испакнати извртени, вени видливи при стоење на нозете, телеангиектазии. Отокот и состојбата на кожата: Дали е присутен дерматитис, пигментација, задебелување на кожата и поткожното ткиво (липодерматосклероза), атрофични промени во прeделот на глуждовите, венска рана.

Колор доплер ехотомографијата е метод на прв избор во дијагностиката на нарушувањата на површниот и длабок венски систем. Функционалните испитувања служат за процена на протоците и степенот на венски рефлукс

Најшироко прифатена поделба и користена класификација (стадиумска градација) на ХВБ е CEAP (Clinical-Etiological-Anatomical-Pathophysiological) класификацијата и служи како систематски водич за рутинско клиничко испитување и основа за препорака за соодветен третман.

Кои се можните компликации на варикозитетните вени?

Проширените вени често не се сериозни. Но, може да се појават компликации, од кои најчести се:

– воспаление на вените – тромбофлебитис, длабока венска тромбоза

– руптура на варикозна вена по траума

– белодробна емболија

Дали се лекуваат проширените вени и кои се тераписките модалитети?

– Пациентите со хронични нарушувања на вените се третираат според видот на нарушувањето, неговата тежина и колку венски рефлукс предизвикува. Целта на третманот е олеснување на симптомите и превенција на компликациите. Како и секоја болест, хроничната венска болест (ХВБ) се лекува во најраните фази. Некои од основните стратегии за третман и превенција се:

– превентивни мерки (совети за здрави вени)

– редуцирајте ја телесната тежина

– вежбајте редовно за да ги зајакнете мускулите на долните екстремитети

– кренете ги нозете секогаш кога е можно, избегнувајте продолжено стоење или седење

– избегнувајте тесна облека околу половината, препоните или нозете. Избегнувајте тесни чевли што ја ограничуваат употребата на мускулите на нозете.

– избегнувајте туширање со многу топла вода, предолга експозиција на сонце и престој во сауна

– диета со малку сол и богата со растителни влакна

Терапевтскиот пристап на хроничната венска слабост е конзервативен и хируршки. Конзервативниот третман подразбира лекување со фармаколошка терапија и компресивна терапија со еластични завои и чорапи. Компресивната терапија е основа за третман на варикозитети. Компресивните чорапи спречуваат прогресија на оштетувањето и хируршкото лекување често може да биде превенирано со нивно користење. Истите помагаат венската крв да се врати во срцето. Големината и компресивната класа на чорапите треба да биде пропишана од лекар. Фармаколошката терапија вклучува употреба на флеботоници, кои може да ги намалат отоците асоцирани со венска инсуфициенција, а поради антивоспалителниот ефект, помагаат во враќање на функцијата на вените и оптималната циркулација. Дополнително, ја намалуваат кршливоста на капиларите.

Склеротерапијата е еден од најефикасните третмани за лекување проширени вени и телеангиектазии. Кај овој третман, течност или пена, се инјектира во вените, предизвикувајќи оштетување на ендотелот и постепено исчезнување на вената. Се изведува како амбулантска процедура и нема потреба од локална анестезија. Пациентот веднаш може да си оди, после кратко мониторирање. Погодна е за третман на малите или средни по големина површни вени, како и за рекурентни промени по хируршки третман.

Хируршките методи обезбедуваат функционално решавање на варикозните вени и главно се користат следните хируршки техники:

– класичниот хируршки венски стрипинг

– ендовенозен ласерски третман (EVLT)

– ендовенозна радиофреквентна аблација (RFA)

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Официјални стартни состави: Јаховиќ од првата минута, Германија ќе напаѓа со Вернер

Следно

Мицковски: Народот е сѐ посиромашен, живее со 150 денари на ден

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian