Џејкоб Вајли го одигра првиот официјален натпревар за екипата на Будуќност денеска во натпреварот од третото коло од АБА лигата.
Во Подгорица гостуваше поранешниот европски шампион, хрватскиот Сплит. А по доста израмнети 40 минути, на крајот се радуваа „сино-белите“ со резултат 75:66.
Македонскиот репрезентативец Вајли не беше стартер, и не одигра голем број на минути. Исто така очекувано, особено доколку се земе в предвид дека имаше проблеми со личните грешки.
Тргна одлично, врза седум поени по ред, но за кратко време доби три лични грешки кои ја ограничија неговата минутажа на нецели шест.
Покрај поените (1/1 за три, 2/3 за два поени) имаше и една украдена топка, за конечен успех на црногорскиот претставник.
Ова беше втора победа за Будуќност сезонава во регионалното натпреварување за моментно четврто место со пет бодови, еден помалку од водечките Партизан и Цибона.