Британската тенисерка Ема Радукану е поразена на првиот настап откако минатиот месец направи сензација и триумфира на УС Опен.
Радукану во првото коло на Мастерстот во Индијан Велс беше слободна, но во второто загуби од белоруската тенисерка Александра Саснович во два сета со 6:2,6:4.
– Одигра одличен меч, таа е искусна тенисерка која веќе неколку години е дел од ВТА и заслужено победи. Искуствата кои ги стекнувам ќе ми користат во иднина. Јас имам само 18 години и не смеам да бидам толку строга кон себе – изјави Радукану по поразот.
Анастасија Павличенкова во два сета со 6:3,6:1 ја победи Медисон Киз и си закажа пресметка со Лејла Фернандез. Финалистката од УС Опен во второто коло беше поуспешна од Ализ Корне со 6:2,6:3.
Петра Квитова до 6:2,6:2 ја победи Аранча Рус и во третото коло ќе се сретне со Викторија Азаренка.
Кај мажите, Енди Мареј обезбеди пласман во второто коло откако го победи Адријан Манарино со 6:3,6:2. Џанлука Марер го победи Мартон Фучович во два сета и тоа со 6:3,6:2, а успешен старт во Индијан Велс имаше и Џон Милман кој го победи Џек Сок со 7:5,4:6,6:3.