Доктор Илија Караманов, стоматолог: Бруксизмот е еден од најчестите причинители на патолошката абразија

3 mins read

Ноќното чкрипење на забите или бруксизам е особено изразен во моменти на позитивен или негативен стрес.

Функцијата на џвакање на храната подразбира секојдневен активен контакт помеѓу горните и долните заби. Според некои истражувања, пресметано е дека горните и долните заби се допираат околу 3.600 пати во текот на 24 часа. Поради таквиот активен момент, забите се подложни на нивно абење кое е познато како абразија. Самата абразија е физиолошки процес и како таква е пожелна да се случува, но само во нормални рамки. Да појасниме дека се работи за извонредно бавен процес што трае со години и децении, процес што е незабележлив и станува видлив дури по четириесеттата или педесеттата година од животот. Кога се истакнува дека абразијата е пожелно да се случува, се мисли на тоа дека таа е компензаторен механизам за заштита на потпорниот апарат на забите. Во случаи кога нема абразија, најчесто доаѓа до хоризонтално ресорбирање на виличната коска (кое е видливо на рендген снимка) и можноста од предвремено расклатување и евентуално губење на забите е поголема.

Неретко се среќаваме со нефизиолошко абење на забите и таквиот процес се нарекува „патолошка абразија“. Таа може да биде симетрична, во случај кога абењето на забите е рамномерно во сите четири регии, но се среќава и несиметрично абење, каде најчесто страда едната страна. Во таквиот случај се забележуваат изразени еднострани коси површини кои честопати даваат и естетски проблеми.

При изразена патолошка абразија доаѓа до речиси целосно исчезнување на коронарниот дел од забот. Како најчеста компликација во тие случаи се јавува отворање на пулпината комора и воспаление на нервот. Треба да се напомене и тоа дека кај патолошката абразија, речиси и не може да се сретне кариес на забите, но сепак пациентите пред себе имаат еден голем проблем за решавање. Решавањето на патолошката абразија најчесто оди со протетски изработки, каде што треба да се посвети огромно внимание од страна на лекарот, бидејќи силите кои ја предизвикале абразијата остануваат и понатаму присутни. Подигнувањето на загризот, кој заради абразијата е значително спуштен, е исто така многу важен момент кој бара прецизни мерења за негово одредување.

Еден од најчестите причинители на патолошката абразија е ноќното чкрипење со забите или „бруксизам“. Бруксизмот е посебно изразен во моменти на позитивен или негативен стрес. Пациентите најчесто не се свесни за нивното ноќно чкрипење и тоа го дознаваат од своите домашни или од стоматологот што го дијагностицирал. Се препорачува земање на миорелаксантни средства пред спиење, посебно во периодот на поголем стрес. Една од најдобрите заштити од бруксизам е изработка на заштитна гума што се носи за време на спиење. Таа е проѕирна, тенка и лесно прифатлива и пациентите многу лесно се приспособуваат на неа.

Доктор Илија Караманов, стоматолог

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Словенија се согласи: Оградите на надворешните граници на ЕУ да се финансираат од заедничкиот буџет

Следно

Дожд и Скопје е проодно само со чамец, реагираат граѓаните

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian