Милевски: Најважни беа победата и трите бода, а не резултатот

2 mins read

Селекторот Благоја Милевски во четвртиот натпревар на клупата на фудбалската репрезентација на Македонија дојде до првата победа, совладан е Лихтенштајн со 0:4. Поголемо задоволство од победата, на селекторот му прави прикажаната игра на неговите избраници.

– Уште пред натпреварот кажав дека максимално пристапуваме на овој дуел, не помислував на било кој резултат, важни ми беа трите бода, важно ми беше како ќе се однесуваат играчите, а тоа го направија вечерва на најдобар можен начин. Пред да почнам со овој тим, напоменав дека сме во фаза на формирање на тим кој ќе биде конкурентен за квалификациите за ЕВРО 2024. Ние сме во фаза на менување на ликот на тимот, и овие квалификации ни служат за подобро воигрување и за што подобра селекција. Дали на крај ќе бидеме втори или не, ќе видиме како ќе завршат овие квалификации, но со сигурност тврдам дека ќе направиме се и дека најмалата шанса ако ја има да ја искористиме – изјави Милевски на прес-конференцијата по натпреварот со Лихтенштајн.

Следен предизвик за Милевски и фудбалерите е четирикратниот светски шампион Германија. Првиот натпревар кој се играше во Дуизбург во март годинава Македонија славеше со 1:2, но Милевски сега очекува сосема поинаков натпревар.

– Не се навраќам на тоа што било претходно, само тоа што ни следи. Тоа е натпревар против Германија, кој ќе биде сосема поразличен од тој во Дуизбург, но затоа што имаат нов селектор, нова филозофија на игра. На почеток сме на градење на еден стил на игра, со нова филозофија, со нови барања од играчите, и тие го прифаќаат тоа на најдобар можен начин и нема потреба да менуваме нешто драстично без разлика дали играме со Германија. Да, Германија е супер квалитетна репрезентација, но ние на последните мечеви покажуваме одличен квалитет – смета Милевски.

Сефте за Милевски, фудбалерите демонстрираа моќ против Лихтенштајн

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ИФИМЕС: Му истекува азилот на Груевски, бара нов во Русија и Турција, а може и ќе се врати дома, еве како

Следно

Дојче Веле: Дали Полска тукушто објави дека си заминува од ЕУ?

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian