УБ | Д-р Мојсова Мијовска: Донирањето органи е највисок хуман чин

4 mins read

На 23 мај 2020 година за прв пат во земјава успешно беше извршена првата трансплантација на срце. Вчера по шести пат пациент доби втора шанса за живот. Успешно заврши трансплантација на срце од донор кај 53 годишен пациент кој претходно имал тешка срцева аномалија. Дваесет годишна пациентка пак, по повеќегодишна дијализа доби бубрег на Клиниката за урологија.

Донор е млада пациентка кај која била констатирана мозочна смрт, а семејството по консултации со лекарите се одлучи на овој хуман гест, да ги донира органите и со тоа да спасат нечиј човечки живот.

На оваа тема во Утрински брифинг разговаравме со националниот координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова Мијовска.

-Пациентите сега се во стабилна здравствена состојба. Првите 24-48 часа секогаш се критични и се врши интензивен надзор оти интервенциите на трансплантација подразбираат ангажман на лекари од повеќе медицински гранки. Вклучени беа околу 70-ина здравствени работници, од кои 20-ина доктори., вели за УБ, д-р Мојсова Миовска.

Таа вели дека тоа чувство кога ќе се види како почнува да функционира дониран орган не може да се опише ништо.

-Од една страна семејството што загубило близок од благородни начини донира органи, а од друга гледаме живот по смртта. Со донирање на органи оставаме трага по нашето заминување од овој свет и поддржуваме живот, вели д-р Мојсова Миовска.

Процесот на трансплантација зависно од интервенцијата трае од 6-7 часа, некогаш 10-14 часа зависно од испитувањата, а понекогаш докторите и по 36 часа поминуваат во болница за да се мониторира процесот пред и потоа.

-Трансплантацијата практично замре со ковид-кризата, но од мај досега сме направиле 6 трансплантации на срце, 16 на бубрези, 6 на коскено ткиво. Трансплантацијата е показател како се развива еден здравствен систем. Тоа е врвот на медицината во светот. Годинава посебно беа вложени големи напори, а посебно со предизвикот на корона.

Во врска со емоционалните, етичките и правните прашања што произлегуваат од процесот на донирање и трансплантација, д-р  Мојсова Миовска потсетува дека ние имаме закон за кадаверична трансплантација од 2013 и 2014 со анекси, кој е по европски терк. При целиот процес сѐ е документирано, а трансплантацијата е видлива. Одбирањето пациенти на кои ќе им биде извршена трансплантација оди според електронска листа, без да бидат вклучени лични интереси и тоа е можеби најголем исчекор, вели д-р Мојсова Миовска и додава дека за ова да се развива треба поддршка од институциите и висока свест. Таа коментира дека добро е што сега граѓаните веруват во здравствениот систем, а семејствата на пациентите даруваат органи при што етичкиот дел е строго запазен.

Засега на листите чекаат многу пациенти, околу 120 за трансплантација на бубрег. Д-р Мојсова Миовска вели дека постојано има и нови пациенти оти во последно време се забележани зачестени кардиопатии.

Дарувањето органи е нова, послабока димензија на хуманост. Како е да се разговара со семејствата на донорите, ја прашавме д-р Мојсова Миовска.

– Тешко е, емоциите и нас не допираат. Прво е тешко да се соопшти на семејството дека некој им починал, а потоа во ист момент да се разговара со нив за трансплантација. Вие како медиуми многу помогнавте за луѓето да сфатат што значи трансплантацијата. Мислам им значи тоа што дел од нивниот драг човек ќе продолжи да живее во некој друг. Тоа е единствен начин да се остане бесмртен и во сеќавањата, вели д-р Мојсова Миовска за Утрински брифинг.

И тимот на Утрински брифинг и Слободен печат изразува благодарност кон семејството на донорот и кон сите здравствени работници.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Само вакцинираните во Лос Анџелес ќе можат да одат во ресторани, фризери и спортски натпревари

Следно

Дневен хороскоп за 7 октомври: Очекувајте хармонија во љубовта

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian