Заев: Мојот народ мене ми даде мандат да создадам решение, не да оправдувам политики од минатиот век

3 mins read

Чекорите и блокадите што ги презема бугарскиот преседател Румен Радев во името на Бугарија се навреда за македонските граѓани, изјави денеска премиерот Зоран Заев во Брдо кај Крањ, каде присуствува на Самитот ЕУ – Западен Балкан.

Заев нагласи дека не е нова вест оти за нас е прифатливо во духот на европските добрососедски односи да ги интензивираме разговорите со Бугарија.

– Ние велиме да, можеме и мораме. Двете страни, веднаш по изборите во Бугарија и во Северна Македонија, како што ни прилега со искрена политичка волја да преземеме одлучни чекори за решавање на отворените прашања. Но, исто така не е нова вест дека нашиот гласен став за идентитетските прашања е дека македонскиот идентитет не може да биде тема за преговори, истакна Заев.

Тој нагласи дека на Самитот е добиена уште една силна потврда дека само една земја членка на ЕУ се противи на нашата интеграција и на почетокот на преговорите за членство во Унијата.

– За жал и на огромно разочарување, мое лично и верувам на сите наши граѓани ,блокадата доаѓа од нашиот сосед Бугарија, посочи Заев.

Тој додаде дека македонскиот народ со целата своја мирољубивост не може да ги оправда блокадите.

– Мојот народ мене ми даде мандат да создадам решение, не ми дал мандат да оправдам политики од минатиот век. До сега не постои земја членка на ЕУ која има каква било забелешка за нашите реформи. Нашиот напредок во интеграциите во ЕУ првенствено треба да зависат од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а не од билатералните прашања. Затоа посветени сме на решавање на билатералните спорови кои се влечат од минатото, а доказ за тоа се и Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија од 2017 година, нагласи претседателот на Владата.

Тој додаде дека земјава ги презела сите неопходни чекори во наша надлежност за деблокирање на процесот на проширување на ЕУ, не само за нас, туку и за целиот регион.

– Нашиот успех во европеизацијата на земјата беше признаен и потврден со одлуката на Европскиот совет во март минатата година за почеток на преговорите за нашата земја. Ние остануваме посветени на нашата стратешка цел – членството во ЕУ преку целосна имплементација на европските вредности и стандарди во Северна Македонија. Тоа го бараат нашите граѓаните, тоа мора да го одработиме. Северна Македонија е Европа, Западен Балкан е Европа, потенцираше премиерот Заев.

Тој наведе дека пораките од францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел на Самитот се јасни.

– За решенијата треба поглед напред кон иднината, а не кон минатото. Но за жал, не сум сигурен дека претседателот Радев ја разбра таа порака, заклучи Заев.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Шведска ја прекина вакцинацијата со „Модерна” на помлади од 30 години

Следно

ВИДЕО: „Рисовите“ гладни за победа, македонските фудбалери отпатуваа за Вадуц

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian