Македонската А репрезентација предводена од селекторот Благоја Милевски в петок (8 октомври) ќе игра против Лихтенштајн на гостински терен (20.45 часот) во својот седми натпревар од квалификациите за Светското првенство 2022 Катар.
Нашите најдобри фудбалери отпатуваа за Вадуз во обид да им се вратат на победите, а трите бода сигурно ќе бидат многу важни доколку сакаме да останеме во трката за Мундијалот следната година.
После трите нерешени средби со Ерменија, Исланд и Романија, време е „рисовите“ да вкусат нов триумф во квалификацискиот циклус.
Скоро на сите досегашни меѓусебни дуели на гостувањата Македонците биле подобри, во 1996 година рекордните 1:11 во мундијалски квалификации, потоа во пријателски меч во 2005 година (1:2), потоа уште еднаш во квалификации за СП (0:3) и во УЕФА Лигата на нации (0:2), а единствено во квалификации за ЕП ни откинаа бод во 2002 година (1:1).