Уредите за биометриска идентификација на гласачите ги паметат сите податоци внесени на избирачкото место

4 mins read

Уредите за биометриска идентификација на гласачите што ќе се применуваат првпат на локалните избори ги паметат сите податоци од избирачкото место, почнувајќи од тоа кој ракувал со него, колку гласачи се верификувани со отпечаток од прст, колкупати имало обиди за идентификација на еден гласач…

-Она што сакам да го потенцирам е дека овие уреди ги паметат сите податоци коишто се случувале на избирачкото место, кој ракувал со уредот, кој бил најавен со корисничко име – лозинка, во колку часот се најавил, во колку часот се одјавил, колку пати имал обид за верификација со отпечаток од прст еден гласач, така што се она што се случувало на избирачкото место ќе го содржи како податок овој уред и подоцна доколку има потреба ќе може и да се провери, изјави денеска Љупка Гугучевска, портпарол на ДИК на презентацијата на уредите за биометриска идентификација.

Вакви терминали првпат ќе се користат на локалните избори, а гласачите покрај со нивните лични документи ќе се идентификуваат и преку отпечаток од прст.

Гугучевска објасни дека она што гласачите на гласачкото место треба да го направат е својот десен показалец да го стават на читачот на овој уред за биометриска идентификација, по што уредот доколку гласачот претходно нема гласано и доколку е запишан во изводот од Избирачкиот список за тоа избирачко место, ќе ги прикаже податоците од тој гласач на екранот по што нему ќе му биде дозволено да гласа.

-Доколку евентуално уредот за биометриска идентификација не може да најде совпаѓање на отпечатокот од прстот на гласачот, во тој случај покажува жолт сигнал дека не е пронајдено совпаѓање или дека евентуално печатокот е со лош квалитет, во тој случај може избирачкиот одбор да пристапи кон идентификација на гласачот со скенирање на личниот документ. Скенерот е во склоп на самиот уред. Доколку и преку скенерот не успее да го идентификува да може истото да се направи преку матичниот број на гласачот. Во тој случај доколку е се ред, доколку гласачот и запишан во избирачкиот список повторно неговите податоци ќе се појават на екранот и ќе му биде дозволено да гласа. Доколку евентуално се појави гласач на гласачко место и истиот сака да се идентификува а веќе гласал, самиот уред со сигнализирање на црвена боја ќе каже дека лицето е веќе идентификувано на тоа гласачко место и нема избирачкиот одбор да му дозволи да гласа, посочи Гугучевска.

Уредите, како што потенцира, таа не се мрежно поврзани.

-Тој во себе ги содржи само податоците на гласачите на тоа конкретно избирачко место и не е поврзано централно, значи нема никакво мрежно поврзување. Податоците од спроведувањето на гласањето се собираат во ДИК откако изборите ќе завршат, додаде таа.

Уредите за биометриска идентификација на гласачите се полнат со батерија и насоките до избирачките одбори се да не чекаат да се испразни до крај батеријата, туку да вклучат полнач во терминалот доколку евентуално видат дека динамиката на празнење се одвива побрзо. Околу електричното напојување, ДИК собрал податоци од терен и констатирано е дека 34 избирачки места биле со проблематично електрично напојување, но во тек е решавање на овие проблеми на терен, така што на денот на изборите очекуваме да нема такви проблеми.

Според неа, со оваа постапка не се усложнува процесот за гласање, така што времето за гласање е исто како и за минатите избори.

-Видовте и самите дека доста брзо се одвива процесот на идентификација на гласачот со овие уреди. Елиминирани се сега ламбата и УВ-спрејот којшто претходно постоеја, така што времето за еден гласач којшто поминал од почетната точка до крајната, до излезот од гласачкото место е исто, како што беше и на претходните избори, рече Гугучевска.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Смртна казна за пет странци поради убиство на бизнисмен во Дубаи

Следно

ВИДЕО: УЕФА потврди – Елмас со вториот најбрз гол во историјата на Лига Европа

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian