Туниските власти денеска ја затворија приватната телевизија „Зитуна” откако водителот Амер Ајад прочита песна против диктатурата.
Водителот Ајад е уапсен и обвинет за „поткопување на безбедноста на Тунис”.
ТВ „Зитуна”, приватна происламска телевизија, ја критикуваше одлуката на претседателот Каис Сајед за суспендирање на парламентот и воспоставувањето речиси целосна контрола врз државата, пренесува Би-Би-Си.
За време на програмата, Ајад ја прочита песната „Владетел” на ирачкиот поет Ахмед Матара, кој е познат по своите сатирични и критички песни за диктатори од арапскиот свет.
Водителот Ајад набрзо потоа е уапсен, а ТВ „Зитуна” затворена со официјално објаснување дека програмата е емитувана нелегално.
Апсењето на водителот Амер Ајад е најново во серијата апсења на новинари и поранешни пратеници кои беа против одлуките на претседателот Сајед.
ТВ „Зитуна” на својот ФБ профил објави дека туниските безбедносни сили провалиле во телевизиските студија и почнале да ја уништуваат опремата.
Извор: МИА