Пет странски државјани се осудени на смрт во Обединетите Арапски Емирати за убиство и киднапирање од прв степен на бизнисмен, исто така странец, чие тело било пронајдено во фрижидер, објавија државните медиуми.
Во извештајот не се наведуваат имињата на обвинетите или нивната националност, но се вели дека станува збор за пет имигранти од Азија на возраст меѓу 21 и 39 години. Тие изнајмиле стан во Дубаи во зградата на жртвата за да провалат во станот на бизнисменот преку отвор за вентилација и го избоделе до смрт, а му украле и 29.600 долари.
Полицијата соопшти дека го пронашла телото на бизнисменот во фрижидерот откако пријателите го пријавиле неговото исчезнување, пренесува АП.
Тројцата осомничени биле фатени додека се обидувале да побегнат од земјата. Полицијата ги извадила од авионот што веќе бил на пистата пред полетување, пишува весникот Ал Бањан, кој е во сопственост на владата во Дубаи.
Обвинетите го признале делото, и постои право на жалба на судската одлука.
Иако се изрекуваат смртни казни, егзекуциите се ретки. Исто така, нападите врз странци не се вообичаени во ОАЕ, каде живеат и работат повеќе странци отколку граѓани на Емиратот.