Денеска унгарскиот клуб Веспрем ја информираше јавноста дека нашето лево крило Дејан Манасков го чека подолга пауза поради сериозна повреда. После направените тестови утврдено е дека македонскиот репрезентативец има скинати предни вкрстени лигаменти, плус страничните вкрстени лигаменти и `рскавицата се оштетени.
Наскоро Веспрем треба да го потврди датумот кога Манасков ќе ја има операцијата. Од 2017 година е еден од клучните ракометари на унгарската екипа, а оваа сезона 10 натпревари постигна 27 голови.
После ваква операција вообичаено е опоравувањето да трае околу шест месеци, што дефинитивно ќе претставува проблем и за најдобрата македонска репрезентација предводена од селекторот Кирил Лазаров кој воедно е и играч.
Потсетување дека нашата селекција ќе игра на следното Европско првенство кое ќе се одржи во Унгарија и Словачка од 13 до 30 јануари 2022 година.
Играме во групата „А“ заедно со Словенија, Данска и Црна Гора, а двете најдобро-пласирани селекции од секоја група обезбедуваат учество во понатамошната фаза на ЕП.