Фудбалската репрезентација на Македонија ги продолжува настапите во квалификациите за пласман на Мундијалот кој идната година ќе се одржи во Катар, со дуелите против Лихтенштајн и Германија.
„Црвено-жолтите“ прво на осми октомври во Вадуз му гостуваат на Лихтенштајн, а три дена подоцна на Националната Арена „Тодор Проески“ доаѓа четирикратниот светски шампион Германија.
– На хартија ние сме фаворити, но тоа треба да го покажеме и на теренот во Вадуз. Знаеме добро што ни е потребно за освојување на трите бодови, а исто така знаеме колку е важен овој натпревар. Се надевам дека играта и резултатот ќе бидат на наша страна. Треба да бидеме подобри во реализацијата, но и да не примиме гол – вели Висар Муслиу.