Лекари во битка кој да го „лекува“ Охрид

4 mins read

Специјалистот по интерна медицина и актуелен градоначалник д-р Константин Георгиески ќе ги брани боите на СДСМ и Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ на локалните избори на 17 ноември за градоначалник на Охрид. Негов противкандидат е дипломираниот стоматолог д-р Кирил Пецаков од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. За градоначалничката фотелја на овие локални избори ќе се трка и кандидатот од ТМРО, Гоце Цветкоски.

– Охрид е своевиден град музеј, но и град што живее и се развива. Културните богатства се од непроценлива важност за туристичката активност, како и можност за економски напредок. Проектот „Урбана култура“ е еден од носечките проекти на нашата програма на кој посветено ќе работиме во текот на наредниот период. Овој проект се однесува на низа инфраструктурни зафати, чија цел е градот да добие функционално решение во централното градско подрачје – вели кандидатот Георгиески.

Тој истакнува дека почетна точка за реализација на овој проект е реконструкцијата на плоштадот „Чинар“, заедно со пешачката улица „Гоце Делчев“, кои наскоро ќе добијат комплетно нов лик и современ изглед.

Кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата Пецаков вели дека старото градско јадро и околните населби на Охрид мора да се развиваат, но урбанизацијата мора да ги следи позитивните законски прописи односно да се спроведува на начин што нема да ги доведе во прашање заштитата на неговата архитектонска препознатливост и посебноста признаени од УНЕСКО.

– Сите активности во иднина мора да се спроведуваат во согласност со законската регулатива, за да не се случува неконтролирана урбанизација во градот. Во насока на правилната урбанизација, гарантираме промени, проекти и победи. Пред охриѓани се обврзуваме на реконструкција на плоштадот „Крушевска Република“ и реконструкција на плоштадот „Св. Климент Охридски“. Покрај нив имаме предвидено и реконструирање на постојните плоштади изградени во време кога со локалната самоуправа раководеше ВМРО-ДПМНЕ. За жал, овие четири години власта ги остави запуштени и неосветлени. Од „проектите се во завршна фаза“, па „проектите се готови“ и „е аплицирано за одобрение“, сега гледаме едно големо ништо, јавните површини мора да добијат современ лик, каков што му доликува на Охрид, како главен туристички центар – вели Пецаков.

Цветковски, кандидатот на ТМРО, го привлече вниманието со настапот на изборните ТВ-програми со маичка со 16-кракото сонце, додека како наметка носи знаме со сонцето од Вергина. Исто така, Цветковски на последното негово телевизиско појавување истури вегета пред своите противкандидати, при што рече: „Да замезите со парите што ги лапате“.

– Решавање на комуналните и инфраструктурните проблеми, изградба на колекторот, борба со урбаната мафија, Охрид еколошки чист град, енергетски ефикасен… За тоа да се случи, мора да имаме суверенитет. Моите противкандидати се продолжена рака на нивните лидери, а јас не зависам од никого и неоптоварен од ништо ќе ги решавам проблемите на граѓаните. Секогаш ќе сум достапен за нив и врз основа на нивните потреби ќе функционира локалната самоуправа – истакна Цветковски во јавниот настап.

За Советот на Општина Охрид се поднесени 11 кандидатски листи и тоа од ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Сашо Донев, од СДСМ со Науме Јованоски како носител, од Левица – Виолета Аврамоска, од ДУИ – Нефи Усеини, од коалицијата „Движење одлучно за промени“ со носител Александар Станкоски, листа на партијата Единствена Македонија на чело со Владимир Суклоски, од ТМРО со Магдалена Наумоска, а од движењето Беса – Џемал Мена. Поднесени се и три независни листи: Група избирачи предводена од Димитар Велјаноски („Охрид пред сè“), од Група избирачи предводена од Антонио Наумоски и од Група избирачи предводена од Стевче Стевоски.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Истражување во Италија: Вакцините против ковид-19 кај луѓе со ослабен имунитет се понеефикасни

Следно

За неколку часа богатството на Закерберг се намали за шест милијарди долари

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian