Дождовните шуми клучен бедем против климатските промени, Бразил под критики поради неуспехот да го спречи нивното уништување

2 mins read

Бразил, иако под критики поради неуспехот да го спречи уништувањето на дождовните шуми во Амазон, планира да му покаже на светот на конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (COP26) следниот месец дека може да се бори против климатските промени, изјави во вторникот министерот за животна средина, Jоаким Леите.

Бразилскиот претседател, екстремно десничар, Жаир Болсонаро беше критикуван на меѓународно ниво затоа што не сторил доволно за да го спречи уништувањето на шумите. Дождовните шуми во земјата се сметаат за клучен бедем против глобалните климатски промени.

Леите, кој ќе ја предводи бразилската делегација за COP26 во Глазгов, рече дека Парискиот договор за ограничување на глобалното затоплување е можност Бразил да покаже дека може да ги намали емисиите на јаглерод дури и додека служи како главен производител на храна во светот.

„Сакаме јасно да го позиционираме Бразил како земја која е дел од Климатскиот договор и има амбициозна цел за 43% намалување на емисиите до 2030 година и неутралност на јаглерод до 2050 година. Ние сме дел од решението“, рече тој за новинарите.

Со енергетска матрица базирана на 83% обновливи извори, главно хидроелектрични, Бразил може да ја исполни таа цел, рече тој.

За да ги исполни ветувањата, Бразил треба да го намали уништувањето на шумите, главниот извор на емисии во земјата.

Леите рече дека предизвиците во Глазгов вклучуваат договор за повеќе средства за позелени економии и зачувување на шумите, како и за ефикасно работење на пазарите на јаглерод.

– Бразил ќе бара консензус особено за обемот на финансирање за ублажување и пошумување. Тоа треба да биде повеќе од 100 милијарди долари (годишно) што беа ветени и никогаш не испорачани, рече тој.

Предизвикот за постигнување зелена глобална економија ќе чини повеќе од тоа, рече тој, додавајќи дека финансирањето мора да биде ефективно, ефикасно и без бирократски пречки.

 

Извор: Ројтерс

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Нема простување: Ова се најнемилосрдните хороскопски знаци, кај нив нема втора шанса!

Следно

Роман Абрамович по три години конечно ќе дојде на „Стемфорд бриџ“

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian