Спасовски: Македонија и понатаму останува земја транзит за барателите на право на азил

5 mins read

Република Северна Македонија и понатаму останува земја транзит за барателите на право на азил, пришто целта на истите е Западна Европа. Ефективното управување со бегалците и миграциите се уште останува да биде еден од нашите главни приоритети, особено во делот на рана детекција и превенција на илегални преминувања и движења по Балканската рута, од неколку аспекти, а посебно во делот на граничната безбедност како и во поглед на намалувањето на ризиците по животот и здравјето, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето обраќање на 72 сесија на Извршниот комитет на УНХЦР.

Сите овие години, како што рече, се менуваше структурата на барателите на правото на азил. Така последните две-три години, информира тој, како баратели на азил најмногу се јавуваат лица од Авганистан, Пакистан, Сирија, најчесто мажи, полнолетни, но има голем број на машки, малолетници, додека значително е намален бројот на семејства и мајки со деца.

– Пандемијата на Ковид-19 донесе ново искуство во функционирањето и работењето со бегалците и менаџирањето на миграцијата. Во периодот од март до мај 2020 г., со прогласување на вонредната состојба и воведувањето на рестриктивни мерки во однос на пандемијата, донесувањето на бројните мерки на национално ниво за справување со вирусот, ангажирањето на војската во обезбедувањето на државната граница, засилените контроли на патните правци, резултираше со значително намалување на движењето на илегалните мигранти, информира Спасовски.

Со попуштање на рестриктивните мерки, подоцна, вели тој, илегалните движења и обидите за криумчарење мигранти се зголемија.

– Глобалната пандемија сепак, немаше поголемо влијание врз соработката со другите земји долж Западнобалканската рута и европските агенции, размената на информации продолжи без проблеми, дел од состаноците и обуките подоцна беа заменети со алтернативни решенија. Заедничките контакт центри продолжија со полициската соработка во делот на размена на информации и податоци, заедничките патроли беа стопирани со сите земји, продолжија комбинираните патроли на регионално ниво, по договор, рече Спасовски.

Безбедносната состојба на државните граници, според Спасовски, во моментов генерално е поволна. Главни предизвици, смета, се илегалното минување, криумчарењето мигранти и секундарните движења на мигрантите, но, не се регистрирани посериозни загрозувања на јавниот ред и мир и јавното здравје како резултат на мигрантската криза.

– Заради одржување на таквата состојба, но и за соодветно справување со евентуален иден масовен прилив, се преземаат низа мерки и активности – продолжено е времетраењето на Одлуката за прогласување на кризна состојба на јужната и северната државна граница, што овозможува непречено користење на потребните национални ресурси и капацитети за справување со предизвикот. Исто така, од 2015 година па наваму, на јужната граница континуирано се имплементира меѓународна заедничка операција, во која учествуваат странски полициски службеници од осум европски земји, од кои седум се членки на ЕУ, рече Спасовски.

Во тек, како што информира, се и повеќе проекти кои имаат за цел натамошно синхронизирање со стандардите на ЕУ, не само во делот на управувањето со миграциите, туку и во граничното управување во целина. Меѓу нив, за издвојување се: Твининг проектот „Усогласување на националниот систем со ЕУ и Шенген барањата за гранично управување”, како и Регионалната програма „Регионална поддршка на управувањето со сензитивната миграција во делот на Западен Балкан и Турција”, во која партнери се и Фронтекс, ЕАСО, ИОМ и УНХЦР.

– Во однос на Пактот на ЕУ за миграција и азил би сакал да напоменам дека тој ќе придонесе за поефикасно управување со миграциите и справување со мигрантскиот притисок. Неговата правилна примена и поефикасната контрола на надворешните ЕУ граници, воедно ќе значат и поголема гранична безбедност за целиот регион. Имено, не треба да се заборави, дека најголем дел од илегалните мигранти во регионот доаѓаат од ЕУ и претходно оствариле илегален влез на надворешните граници на ЕУ. Така, ефикасната гранична контрола на надворешните ЕУ граници на Грција и Бугарија кон Турција би значело и многу помал број на илегални мигранти во регионот, рече Спасовски.

Пактот за миграции и азил, вели, е документ кој главно се однесува на земјите од Европската унија.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Странци со лажни пасоши и фалсификувани пари фатени на аеродромот во Скопје

Следно

Барселона се подготвува зимски шопинг: На „Камп Ноу“ доаѓаат Стерлинг и Олмо?!

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian