Шилегов: Скопјани да излезат на балконите и на улиците и да ги поздрават маратонците

2 mins read

Денес по 17-ти пат на улиците на Скопје се одржува традиционалниот Виз Ер Скопски маратон, на кој ќе има околу 7000 учесници, од кои најголемиот дел се домашни спортисти.

Учесниците на маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон – ЕУ за спорт тргнаа од стартот во 8 часот, а тркачите на 5 километри во 8:10 часот тргнаа од платото пред Спортскиот центар Борис Трајковски, каде што ќе биде и целта на овогодишниот маратон.

Градот Скопје обезбеди целосна логистичка и делумна финансиска помош на организаторите на маратонот. Службите и јавните претпријатија на Градот Скопје се ставија целосно на располагање на учесниците во маратонот, за непосредно пред почетокот на трката улиците да бидат чисти, безбедни и погодни за трчање.

-Развивањето на спортот и промоцијата на здравиот начин на живеење беше една од нашите заложби во изминатите 4 години. Маратонот Виз Ер, како важен дел од нашите активности, стана еден симбол на Скопје, кој од година в година станува сѐ подобар и попосетен, напиша градоначалникот Шилегов во објавата на Фејсбук.

Патеката по која учесниците трчаат ќе биде иста, како и претходната година, а дел од скопските улици во периодот од 7:30 до 14 часот ќе имаат привремен режим на сообраќај и промена на режимот на работа на линиите на Јавниот градски превоз.

-Денес, на овој голем спортски празник за градот, но и за нашата држава, имаме чест да го организираме 17-тиот по ред Скопски маратон, каде на наше големо задоволство, имаме можност да бидеме дел од еден Европски, па дури и светски настан. Ги повикувам сите скопјани да ни се придружат, да излезат на балконите и на улиците и да ги поздрават маратонците кои со своето присуство денес придонесуваат за развивање на оваа убава спортска приказна, пишува Шилегов.

Годинешниот Скопски маратон ќе се одржи со почитување на сите пропишани мерки и протоколи за заштита од Ковид 19.

Виз Ер Скопскиот Маратон е во организација на Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски Клуб „Работнички” од Скопје, под покровителство на Град Скопје, Делегацијата на ЕУ и Агенцијата за млади и спорт.

Извор: skopjeinfo.mk

Претходно

ФОТО | Ќе има нова сезона на „Преспав“: Ула и Коста ќе добијат деца?

Следно

Почина поранешниот сопственик на Олимпик Марсеј, БернарТапи, човекот кој сакаше да ги подмити фудбалерите на Црвена звезда пред финалето во Бари

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian