Словенија во Брисел притиска да нѐ примат во ЕУ до 2030 година

2 mins read

Европската унија треба да ги прими сите држави од Западен Балкан до крајот на деценијата, предлага Словенија пред органите на ЕУ во Брисел, на изненадување на членките пред самитот ЕУ-Балкан следната недела, пишува „Фајненшл Тајмс“.

Идејата за брзо пристапување на сите земји од регионот во ЕУкоја доаѓа во време кога процесот на проширување е запрен, меѓу другото и поради блокадата на Бугарија, која не дозволува да се отворат пристапни преговори со Северна Македонија. Словенечкиот предлог бил изнесен непосредно пред состанокот на европските лидери, на кој треба да се разговара за проширувањето на Унијата.

Според „Фајненшал Тајмс“, предлогот, даден на состанокот на амбасадорите во Брисел, ги изненадил другите земји членки, а некои го опишале како целосно нереален, имајќи ги предвид економските и политичките предизвици во регионот.

Проширувањето е многу чувствително прашање за ЕУ, која е поделена околу брзината со која на земјите треба да им се дозволи да се приклучат на блокот. Но, Унијата е под притисок да ги продолжи пристапните преговори со балканските земји, кои исто така ги зајакнуваат нивните врски со Кина и Русија, се додава во текстот.

Како што анализира весникот, односот на ЕУ кон регионот дополнително се комплицира со фактот што пет земји членки: Кипар, Грција, Романија, Словачка и Шпанија не го признаваат Косово, кое прогласи независност во 2008 година.

Лидерите на сите земји членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан – Албанија, Босна, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово, ќе присуствуваат на самитот во среда. Неделава Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, го посети Западен Балкан пред самитот, повторувајќи ја својата поддршка за земјите за приклучување кон унијата.

Дипломатите од земјите членки кои сакаат Брисел да ги забрза преговорите со Западен Балкан, главно од истокот и југот на блокот, се залагаат за „амбициозен“ рок за пристапување, но признаваат дека тоа би било „политички експлозивно“, пишува „Фајненшл тајмс“.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Е. Пелистер и Пролет им се вратија на победите во ракометната Суперлига

Следно

Вардар 1961 ја оправда фаворитската улога против Бутел

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian