Причината за експлозијата уште е непозната и по три недели од трагичниот настан во тетовската модуларна болница

1 min read

Поминаа три недели од трагичниот настан во тетовската модуларна болница, а од Обвинителството сè уште немаат конкретни детали за пожарот во кој загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти и 2 членови на нивните семејства.

Од Основното јавно обвинителство велат дека се прибираат вербални и материјални докази. Извештаите од наредените вештачења до овој момент сè уште не се пристигнати кај нив.

Форензичките извештаи и анализите на вештачењето за пожарот во модуларната болница во Тетово се при крај, изјави вчера премиерот Зоран Заев, кој очекува тие да бидат објавени час поскоро.

– Колку е поскоро, толку подобро, за да ги решиме сите дилеми. Животот продолжува, политичарите се во кампања, се случуваат секојдневни активности. Ред е да се објави тој извештај за да можам и јас да го кажам својот став по повод понудените оставки од министерот и заменик-министерот – рече Заев.

Јавното обвинителството формирало работна група за овој случај. Обвинители од гостиварското и од скопското Вишо јавно обвинителство ќе бидат дел од предистражната постапка.

Во моментов, на предистрагата за опожарената модуларна болница во Тетово работат девет обвинители. Но, за јавноста и по три недели останува нејасно од што настанал пожарот.

Строга тајна е и одговорот на прашањето дали пристигнал извештајот на германските експерти, чијшто тим по пожарот пристигна во земјава и требаше да им помогне на македонските иследници во утврдување на причината за трагедијата.

 

 

 

 

 

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Голема потера по „кумот“ на Коза Ностра на Сицилија, Матео Месина Денаро

Следно

Список на симптоми: Лекари откриваат кои се најчестите знаци дека сте прележале ковид-19

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian