По три дена молк, се огласи Прв скопски извиднички одред: Децата погрешно ги разбрале игрите

5 mins read

Откако во полиција на разговор бил викнат еден од организаторите на извидничкиот камп каде што, според сведочењата на родителите, малолетници имале недолична сексуална едукација, сега ќе се повикуваат и децата учесници да дадат исказ за тоа што се случувало таму, дознава „Слободен печат“ од свои извори во истрагата.

Во меѓувреме, по три дена молк со став се јавија и од Прв скопски извиднички одред, тврдејќи дека „сведочењата за настанот се извадени од контекст“. За овој настан, тројца родители во редакцијата на „Слободен печат“ се пожалија дека децата биле дел од несоодветни активности, кои вклучувале соблекување на облеката и прашање колку сексуални партнери имале, симулирање сексуални пози, сликање панорамска слика со секс пози до манастир, оставање отпечатоци од полови органи на хамер и друго.

„Сакаме да напоменеме дека нашиот настан не претставува никаква манифестација на неморал, блуд или сексуално вознемирување. Сметаме дека многу делови од игрите се погрешно протолкувани. Есенски бакнежи, прегратки е традиционален , чија цел е да ги спои основите на рок-музиката, извидничките вештини и сексуалното образование. Настанот е наменет за категоријата постари извидници, постари малолетници над 16 години. Акцијата се креира од млади за млади и се одржуваше во безбеден простор, во забавна и младинска атмосфера и секој учесник имаше можност да пријави доколку се почувствува непријатно“, соопштија од Прв скопски извиднички одред.

Родителите што алармираа за скандалозниот камп, пак, се децидни дека децата уште на самиот настан изразиле незадоволство и негодување дека не сакаат да учествуваат во активностите. Впрочем, така и настанал конфликтот – кога раководител на одредот на повисок тон му рекол на едно од девојчињата дека може да си оди дома ако не сака да учествува. Но, било доцна навечер, а патеката била прилично далеку од автобуската станица, па тоа било неможно. За време на кампот неколку деца повеќепати им се јавувале на родителите да дојдат и да ги земат.

Мајка на средношколец што присуствувал на настанот, ни потврди дека нејзиниот син и уште шестмина учесници веднаш по кампот се отпишале од извидници, затоа што биле истрауматизирани.

По информациите во дел од медиумите дека овој одред добивал финансиска поддршка од Град Скопје, како и од невладините организации ХЕРА и Фондација Отворено општество, тие се дистанцираа од организацијата поради скандалот. Град Скопје инстантно го прекина договорот за соработка.

„Сакаме да информираме дека во проектната документација доставена до нас, ја нема наведено спорната активност ниту имаат доставено каква било информација што би укажала на нејзино одржување. Учесниците на настанот учествувале во приватна режија и не биле организирани од училиштата. Имајќи предвид дека настанот што се случил предизвика лавина негативни реакции во јавноста и нè шокираше и нас како институција, Град Скопје го прекинува договорот со Првиот скопски извиднички одред“, пишува во соопштението на Град Скопје.

Исто така и ХЕРА и Фондацијата Отворено Општество велат дека не се поврзани со финансирање на кампот и сексуалната едукација за која станува збор.

ХЕРА за скандалот со извидниците: Сексуалното образование не е играчка!

Од Јавното обвинителство не откриваат до каде е истрагата. Засега е познато само дека јавниот обвинител издал насока да се повикаат организаторите на разговор.

„Јавното обвинителство не е во можност да сподели детали за дејствата што се преземаат во рамките на предистражната постапка. По насока на јавен обвинител се преземаат сите дејства неопходни за да се утврди фактичката состојба во предметот“, велат оттаму за „Слободен печат“.

СИТЕ ПОВРЗАНИ ТЕКСТОВИ НА ОВАА ТЕМА:

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Шилегов: Скопската чаршија е шаренилото на градот

Следно

Судбината на Куман во рацете на шампионот: Атлетико денеска фаворит против Барса

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian