Интензивна викенд кампања за локалните избори

7 mins read

Изминува првата недела од кампањата за Локалните избори 2021 закажани на 17 октомври. Се интензивираат партиските и активностите на независните кандидати за градоначалници и советници. За денеска се најавени повеќе митинзи и средби на кои граѓаните во 80 -те општини и Градот Скопје ќе можат да ги слушнат понудите на партиските и независните кандидати.

Коалицијата предводена од СДСМ централни собири ќе одржи во Делчево, Виница и Демир Капија, ВМРО-ДПМНЕ во Маврово-Ростуше, Јегуновце, Тетово, Брвеница, Теарце и Гостивар, ДУИ ќе биде во Велес. Левица во Градскиот парк во Скопје ќе одржи митинг и претставување на независниот кандидат за градоначалник Петар Георгиевски-Камиказа за кого даваат поддршка. Зелен хуман град и кандидатката за градоначалник Ана Петровска ќе одржат средби во скопската општина Центар и дебата за енергетска ефикасност. Во Градскиот парк во Скопје претставување на своите кандидати ќе има и партијата Твоја. Активности имаат најавено и другите кандидати за градоначалници на Скопје.

Политичките партии и независните кандидати своите програми за локалните избори ги претставија во повеќе градови и населени места. Тие ги повикуваат граѓаните што помасовно да излезат на Локалните избори 2021 и да го дадат својот глас. Во фокусот на говорите на партиските лидери не доминираат само теми поврзани само со локалните потреби на граѓаните туку и теми поврзани со пописот, успесите во изминатите години, предвремени избори, криминал, корупција, здравствената криза поради ковид-19…

Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев од митингот во Велес каде беше претставен кандидатот за градоначалник Ненад Коциќ, се осврна на успесите што се направени во изминатите години што со децении беа само недостижна цел.

– Го поставивме правецот и тој е јасен: Со најдоброто одиме напред, на тој правец сме исправени четири години во кои ја имаме обврската да ја трансформираме државата на подобро и тоа, се случува сега и овде, пред нашите очи, рече Заев.

Зборувајќи за пописот што заврши на 30 септември, тој истакна дека првпат по 20 години државата спроведе успешен попис и оти 1 832 696 граѓани се попишаа, односно над 99 проценти од граѓаните. Оцени дека ова е огромен успех за нас, дека веќе нема да одиме низ магла, туку добиваме јасни и прецизни податоци на кои ќе ги темелиме идните политики.

– Правецот е јасен со најдоброто одиме напред, рече Заев додавајќи дека имаме обврска да ја трансформираме државата на подобро за сегашните генерации, за младите, за децата, за идните поколенија.

Република Северна Македонија, истакна тој, денеска е слободна демократска држава, држава членка на НАТО, почитувана во регионот, во Европа и во светот. Велес, нагласи тој, мора да продолжи со реализација на капитални проекти, важни за локалниот развој, а тоа, вели,е можно само со СДСМ и коалицијата, само со Ненад Коциќ, само со советничката листа и коалицијата на чело со Марјанчо Николов.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на митинзите во Битола, а претходно и во Демир Хисар, побара од граѓаните да излезат на избори и да донесат одлука за промени.

– Храброст е да се бориш за стандард, за повеќе пари за народот, повеќе услови за здравство, подобро образование. Храброст е да не се вртиме во круг цели 30 години. Храброст е да се бориш против криминалците, без оглед каде се, од каде се и со кого се. Храброст е да поставиш мерка за работите што се важни, јасно да ставиш до знаење до каде можат да одат барањата на тие кои сакаат да нè омаловажат, рече Мицкоски.

Тој додаде дека генерации поминаа во исчекување за некакви промени, некакво подобро утре, а секоја надеж завршуваше со разочарување.

Според Мицкоски, „не е храброст да потпишеш се што ќе ти стават на маса, а тоа што Зоран Заев го направи со Бугарија, ниту Љубчо и Цар Борис заедно не го направија”.

– Храброст е државата без отстапки да ја внесеш во Европската Унија, рече Мицкоски, дополнувајќи дека сме генерација која сонува за Европа, а не за нови ѕидови и разочарувања.

Претставувајќи го кандидатот за градоначалник на Битола од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски рече дека Тони Коњановски е еснаф човек и без дамка во својот живот.

Демократската Унија за Интеграција – ДУИ ја продолжи предизборната кампања во Сингелиќ, а претседателот на ДУИ Али Ахмети истакна дека приоритет на партијата е унапредување на кадарот и неговото школување, како и зелена агенда за подобар живот на граѓаните.

– Имавме обврска да ја имплементираме и да работиме за нашата програма која го дефинираше меѓународниот договор што го потпишавме, ДУИ, пред сè, јас како нејзин лидер, го имав за приоритет унапредувањето на кадарот, нивното школување и нивната специјализација, затоа што така мислев дека придонесувам за нацијата за конкурирање со структура во Брисел и Вашингтон. Исто така, и за предизвиците во институциите во насока на водење на државата, затоа што не сакав да се посрамотиме како нација туку да покажаме вредности и конкуренција, бидејќи кога работиш и го затвораш поглавјето на јунаштвото, започнува поглавјето на мудроста, рече Ахмети.

Претседателот на Движењето Беса, истовремено и кандидат за градоначалник на Тетово на локалните избори 2021 година, Билал Касами, при посетата на градската населба Теќе вети дека за време на неговиот мандат, покрај другите заложби и прашања што ја засегаат оваа општина, ќе се посвети и на културно-уметничкиот живот во градот.

– Во соработка со релевантни институции и странски донатори, теќето Арабати Баба ќе се ревитализира. Целта е да се збогати градот со културни и уметнички вредности. Арабати Баба Теќе ќе стане туристичка и културна атракција за странски и домашни посетители и ќе ја зголеми економската благосостојба на граѓаните од овој крај. Ова ќе биде реалност само со Движењето Беса, истакна Билал Касами.

Кандидатот за градоначник Касами рече и дека зачувувањето на културно-историското наследство ќе биде меѓу приоритетите во неговото работење.

Изборната кампања за Локалните избори 2021 започна на 27 септември, а треба да заврши на 15 октомври.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Њусом: Вакцината против ковид-19 ќе биде задолжителна за сите ученици во Калифорнија

Следно

Василев: Доколку конекцијата на Бугарија со Грција беше готова, гасот ќе беше за 20 отсто поевтин, место да е 30 отсто поскап

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian