Јапонија ги спасува учениците во Старо Нагоричане од старите ќумбиња на дрва

1 min read

Со донација од Јапонската амбасада, основното училиште „Светозар Марковиќ“ во кумановското село Старо Нагоричане доби систем за парно греење, кој ќе ги замени старите ќумбиња на дрва на кои речиси 100 години се грееја генерации ученици, пренесува СДК.мк.

Системот за парно греење работи на нафта и ќе ги замени ќумбињата на дрва, со кои училиштето се затоплувало откако е отворено во 1924 година.

Во основното училиште „Светозар Марковиќ“ наставата се изведува на српски јазик и во него учат околу сто деца од Старо Нагоричане и околните села.

„Како градоначалничка и мајка знам колку е важно детето да учи во топла и пријатна училница. Наставниот кадар доби квалитетни услови за работа, а родителите можат да бидат спокојни за своите деца додека се на училиште“, рече градоначалничката на Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска на денешната церемонија.

„Среќен сум што овој проект успешно се реализира и со тоа ги подобривме условите за учење не само за сегашните, туку и за идните генерации. Со градоначалничката заклучивме дека има простор за натамошна соработка“, изјави јапонскиот амбасадор Савада Хиронори, според СДК.мк.

Донацијата вредна 53.000 евра е во рамките на јапонската програма за мали грантови и ова е прв ваков проект во оваа мала општина, а 18-ти во регионот.

Од 1996 година, Јапонија поддржала 158 проекти во Македонија со вкупно 7,8 милиони евра. Од нив, 57 се во здравството, 70 во образованието и 31 во животната средина.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Иран започна воени вежби во близина на границата со Азербејџан

Следно

ВИДЕО: Моментот кога петарда експлодираше пред голманот на Ајнтрахт во Белгија

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian