Закани од пратеникот кон професорот: Милошоски му пркоси на Фрчкоски за амбасадорската позиција во ОН

3 mins read

Откако спикерот Талат Џафери, завчера на брифинг со новинарите, потврди дека професорот и поранешен министер Љубомир Фрчкоски е предложен за амбасадор во ООН и дека Антонио Милошоски треба да ја свика собраниската Комисија за надворешна политика, со што би почнала процедурата за негово поставување, со реакција се јави и Милошоски, кој на својот Фејсбук-профил се закани дека ќе направел се Фрчкоски да не станел амбасадор.

„Како претседател на собраниската Комисијата за надворешна политика, согласно со Деловникот, ќе вложам максимални напори во Њујорк да не дозволиме да нѐ претставува амбасадор што бил оценет за непожелен од САД, како земја домаќин на ООН“, напиша Милошоски.

Според него, колку ни е лошо организирана дипломатијата говори самиот факт што три години Македонија е без амбасадор во Вашингтон.

„Американската дипломатска кота е празна поради личните пазарења на премиерот со амбасадорските позиции, во случајов компензација од Заев кон Фрчкоски, како оддолжување за неговиот придонес кон „ликот и делото“ на премиерот. Таквото тргување со амбасадорската позиција во САД нѐ доведе до понижувачка ситуација во март годинава, кога висок претставник на Стејт департментот лично му се јавил на Заев со став дека Вашингтон нема да даде согласност за владината одлука за номинација на Фрчкоски за амбасадор во Америка. Во присуство на уште еден државен функционер, Заев за лошиот амбасадорски избор морал да се правда на уште полош англиски“, додаде Милошоски.

Не знам дали би го коментирал пишувањето на Милошоски. Сепак, процедурата не е завршена, му одговори вчера на провокациите професорот Љубомир Фрчкоски. Тој во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ нагласи дека обврската на амбасадорот воопшто е дадена во рамките на претседателските надлежности.

– Ова е една странична необврзна процедура во Собранието. Таа и без неа може, но истовремено се претвори во еден пазар, поради политичките блокади на опозицијата и на лицето што ја води Комисијата – рече Фрчкоски.

Тој појасни дека улогата на Собранието преку Комисијата за надворешни работи е факултативна, а не суштинска преку сослушувањето на идните амбасадори што го прави оваа Комисија.

– Мислам дека претседателот треба да си ги преземе уставните и законските надлежности поврзани со неговата улога во надворешната политика на земјата, а со тоа и околу амбасадорите – рече Фрчковски.

 

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Плата

Следно

Бугарската влада одлучи да го продолжи физичкиот попис до 10 октомври

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian