Кој не е попишан да не чека, да се јави во канцелариите во пописните региони

4 mins read

Иако беше отворена можноста за продолжување на рокот на пописот, од Државниот завод за статистика (ДЗС) велат дека пописот ќе заврши во предвидениот рок, на 30 септември во 20 часот.

– Попишувањето се одвива според постојниот утврден рок. Пописот 2021 ќе заврши во четврток, на 30 септември во 20 часот. Граѓаните кои сè уште не се попишани да не чекаат, туку да отидат во канцелариите на Комисијата на пописни региони (КПР) и таму да се попишат – велат од ДЗС.

Од Државниот завод за статистика велат дека во последните денови од Пописот на населението, домаќинствата и становите, пописните активности на терен се одвиваат непречено и во одредени пописни реони со зголемен интензитет.

– Помалите пописни реони низ државата веќе завршуваат со попишување на населението и се прават последни завршни проверки. Во одредени урбани средини интензитетот на попишување се зголемува, се вклучуваат дополнителни попишувачи за да може да се посети секое домаќинство и никој да не биде пропуштен. Непрекинато се работи со целиот расположлив потенцијал и според утврдените рокови предвидени во Законот за попис – истакнуваат од ДЗС.

Продолжување на пописот за најмалку десет дена бара коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива. Нивното образложение е дека дел од граѓаните ќе останат непопишани бидејќи има само уште еден ден до завршување на операцијата.

– Собранието под итно да свика седница и да предвиди 10 додатни денови за пописот, што и беше предлог од парламентарната група на Алијанса и Алтернатива од јануари кога се донесе Законот за пописот – вели пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците.

Претходно, претседателот на Собранието Талат Џафери објасни дека иако Собранието не заседава во моментов поради кампањата за локалните избори, може да биде свикана пленарна седница доколку има барање од најмалку 20 пратеници за итно заседание за да се промени датумот во Законот за попис.

Директорот на ДЗС Апостол Симовски посочува дека според законите и собраниската процедура, Државниот завод за статистика не може сам да го продолжи рокот на попишување.

– Од наша страна нема иницијатива за продолжување на рокот на пописот, односно такво нешто немаме побарано – вели Симовски.

Министерот за правда Бојан Маричиќ вчера беше дециден дека пописот треба да заврши во утврдениот рок.

– Наша цел е пописот да заврши во законски предвидениот рок. Информациите до денеска се дека речиси 1,8 милиони граѓани се попишани. Има уште време до утре, тоа што го знам е дека одредени реони се целосно попишани и тие попишувачи кои ја завршиле работата таму, доаѓаат во реони каде што сè уште има потреба да се врши пописот. Отворени се и дополнителни пунктови за да се попишат граѓаните што не биле најдени дома или не се попишале од некоја друга причина. Доколку има промена во одлуката, навреме ќе ја известиме јавноста – рече Маричиќ.

Граѓаните на Скопје во чии домови досега не дошол попишувач,  можат да отидат во седиштата на КПР во општините Аеродром (и во урбаната заедница Горно Лисиче), Бутел, Кисела Вода, Чаир, Ѓорче Петров, Сарај, Гази Баба, на местото на поранешното матично, на Илинденска, во Карпош 1 на ул. Иван Аговски, во општина Петровец и во седиштето на Државниот завод за статистика на ул. Даме Груев број 4.

Граѓаните од другите градови можат да се попишат во седиштето на КПР во Општините Неготино, Струмица, Ново Село, Штип, Велес, Битола, Охрид, Гостивар Тетово, Желино, како и во зградата на Народна одбрана во Струга.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Македонија официјално започна на 5 септември. Досега се попишани вкупно 1.760.194 лица, 546.080 домаќинства и 789.406 станови. Можноста за самопопишување лица во странство, досега ја искористиле 201.247 граѓани од дијаспората.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Литванија и Летонија почнаа да градат ограда на границата со Белорусија

Следно

Брисел категоричен: Иднината на Западен Балкан е во ЕУ

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian