Како да го препознаете мозочниот удар и колку време имате да стасате кај лекарот

6 mins read

Мозочниот удар е втора водечка причина за смрт во светот. Постојат различни видови на удари и должината на закрепнувањето зависи од сериозноста на нападот. Колку порано некој добие помош, толку помалку мозокот ќе биде оштетен.

Невролозите тврдат дека постојат третмани за мозочен удар, кои треба да се применат во првите три до четири часа по ударот, како што се лековите кои го напаѓаат згрутчувањето. Затоа, клучна е брзата реакција.

На пациентите кои навреме ќе се обратат кај лекар може да им се помогне на повеќе начини, во зависност од видот на мозочниот удар што го доживеале. На пример, може хемиски, со лекот да им се разбие тромбот или тромбот механички да го отстранат и со тоа повторно да ја воспостават циркулацијата на крвта.

Сето ова може да се направи под услов за давањето на лекот во вената да дојдат во болница најдоцна четири и пол часа од почетокот на симптомите, а кај механичкото отстранување во рок од шест часа.

Симптоми

Лице – Едната страна на лицето може да „падне“, личноста можеби нема да може да се насмевне или устата и очите ѝ „паднале“.

Раце – Личноста за кои постои сомневање за мозочен удар можеби нема да може да ги крене двете раце и да ги држи поради слабост или вкочанетост во едната рака.

Говор – Нивниот говор може да биде нејасен или искривен, или личноста воопшто не може да зборува, без оглед на тоа што се чини дека е будна.

Време – Време е веднаш да повикате помош ако забележите некој од овие знаци или симптоми. Ако вие или некој кого знаете ги има следните симптоми, веднаш повикајте итна помош.

Тешкотии при говорот или збунетост

Дури и при „помали“ мозочни удари, може да се јават проблеми во комуникација. Мозочниот удар може да ја наруши способноста на изразување или на разбирање на говорот. Ако не можете нормално да ја изговорите реченицата, веројатноста дека сте преживеале мозочен удар е 72 отсто.

Тешкотии со видот или замаглен вид

Мозочниот удар може да предизвика проблеми со видот: двојна слика, замаглена слика или целосно губење на видот на едното око. Ова очигледно не е доволно познат факт: едно истражување спроведено на 1.300 луѓе покажало дека само 44 отсто од нив знае дека мозочниот удар предизвикува проблеми со видот.

Вртоглавица и губиток на рамнотежа

Ако страдате од вртоглавица, имате мачнина и тешко одите, тоа може да значи дека сте преживеале мозочен удар. Пациентите често ги мешаат симптомите на мозочниот удар со други медицински состојби, па понекогаш вртоглавицата ја препишуваат на вирусен синдром.

Силна главоболка

Ненадејна, исклучително силна главоболка, која може да ја ставите во категоријата на една од најсилните што сте ги имале, е чест симптом за мозочен удар. Ваква болка во тандем со мозочниот удар најчесто се јавува кај жените, но и кај младите кои во минатото боледувале од мигрена.

Слабост во екстремитетите

Вообичаено е по мозочен удар екстремитетите да олабават, потешко да се контролираат или целосно да се парализирани. Главно, „отапува“ раката или ногата на спротивната страна од делот од мозокот кој е зафатен од ударот. Испружете ги двете раце со дланките нагоре и држете ги во таа положба 10 секунди. Ако едната рака почне неконтролирано да ви паѓа, тоа иницира слабост во мускулите, што е знак за мозочен удар.

„Обесено“ лице

Ненадејна, еднострана слабост во мускулите на лицето, може да биде јасен показател дека сте преживеале мозочен удар. Медицинскиот персонал веројатно ќе побара да се насмеете или да ги покажете забите. Ако не можете да ги контролирате мускулите на едната страна на лицето, речиси е сигурно дека сте имале мозочен удар.

Замор и психички промени

Неодамнешна студија за исхемискиот мозочен удар, вид на удар предизвикан од згрутчување, покажала дека жените кои имале мозочен удар, почесто од мажите чувствуваат општа слабост, замор, дезориентираност и психички промени.

Икање

Во обични ситуации, икањето е безопасна и краткотрајна пречка. Но, кога мозочниот удар е во прашање, тој влијае на центарот за дишење во мозокот, што може да предизвика ненадејно, долготрајно икање, најчесто кај жените.

Неможност за дишење или палпитација

Не можете да дојдете до здив? Имате чувство дека срцето забрзано ви чука или ви прескокнува? Истражувањата покажуваат дека жените почесто ги имаат овие симптоми од мажите.

Што по ударот?

Опоравувањето од мозочен удар варира во зависност од тоа колку оштетувања има мозокот. Некои луѓе брзо ќе закрепнат, но на други ќе им треба долгорочна помош од низа специјалисти. По мозочниот удар, когнитивните функции на личноста (комуникација, ориентација, меморија и концентрација) можат да бидат сериозно загрозени.

Мозочниот удар, исто така, може да предизвика слабост во телото и, во некои случаи, парализа. Како последица на тоа, може да се појават проблеми со видот, проблеми со мочниот меур, тешкотии при голтање, проблеми со менталното здравје, како што се депресија и вознемиреност.

 

 

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Маричиќ: Мал е бројот на луѓето кои го бојкотираа пописот, за нив има податоци во седум други регистри

Следно

Уапсен млад скопјанец поради поседување на кокаин

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian