Дебата на кандидатите за градски татко на Струмица: Се предлага нов ГУП и дислокација на рудникот „Огражден“

2 mins read

Тројца кандидати ќе се борат за градоначалничката функција во Струмица на претстојните локални избори: Костадин Костадинов од коалицијата предводена од СДСМ, Васе Витанов од Интегра и Жан Дрвошанов од коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ.

Во вечерашното предизборно соочување на ТВ24, тројцата кандидати ги претставија своите идеи за развојот на градот, а нивните ветувања главно се однесуваа на подобрувањето на инфраструктурата во Струмица – општина со која веќе 16 години раководат градоначалници од СДСМ.

Дрвошанов рече дека првиот негов чекор доколку биде избран на функцијата, ќе биде преземање мерки за чиста Струмица, затоа што граѓаните најмногу се жалеле на нечистотија во градот. Тој рече дека нуди програма која има решенија и проекти насочени кон сите граѓани на Струмица и околината, а средствата кои ги плаќаат граѓаните ќе бидат насочени кон нив.

„Нашата програма е направена во соработка со граѓаните и нивните барања и идеи, затоа ќе донесеме нов Детален урбанистички план, за да може инвестициите во општината да имаат посилен ефект и сите делови еднакво да се развиваат, планираме повеќе зелени површни, места за спорт и рекреација“, рече Дрвошанов, кој најави и измени и дополнување на Генералниот урбанистички план за градот.

Според Костадинов, тој ќе поддржи иницијатива за дислокација на рудникот „Огражден“, кој според него ја загадува животната средина.

„Јас сум сигурен дека таму има вработени луѓе и треба да бидеме претпазливи и да се согласме да направиме референдум за негова дислокација, а еден од сопствениците е носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин ќе покажеме спремност и готовност како да се избориме за поздрав воздух и да ги решиме без да биде оштетена компанијата или вработените,“ рече Костадинов.

Меѓу многуте проекти за кои тој вели дека ги планира, ветува и пробивање на булевар во градот, нов боемски парк и атмосферска канализација во Муртино.

Витанов рече дека ако стане градоначалник, ќе ги избрка сите партиски вработени службеници од општинската администрација.

– Задолжително и тоа ќе ми биде првиот потег што ќе го направам. Во општината ако има 1000 вработени, 700 се вработени без никаков конкурс. Прв чекор ќе ми биде тоа, доколку бидам избран за градоначалник, рече тој.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

„Ќе одите во рајот“ : Мајка ја убила ќерка си, па го ранила синот

Следно

ЛШ: Опомена за Вардар 1961, Кил немоќен против Монпеље

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian