Вархеји: Со Заев разговаравме како да го придвижиме процесот на проширување

3 mins read

Еден ден по посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, денеска во Скопје дојде и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој преку Твитер извести дека се сретнал со премиерот Зоран Заев и дека имале „сеопфатен разговор“.

„Со нетрпение го очекуваме Самитот ЕУ-Западен Балкан идната седмица во Словенија. Западен Балкан е клучен приоритет за Европската комисија, иднината на регионот е во ЕУ. Разговаравме како да го придвижиме напред процесот на проширување преку отворање преговори за членство со Северна Македонија и со Албанија“, напиша Вархеји на Твитер. Тој додаде дека имале „сеопфатен разговор“ со Заев и дека се договарале за почетокот на спроведувањето на инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан.

И Заев за средбата информираше преку Твитер, но и тој не понуди детали, ниту наведе што конкретно се разговарало за горливите прашања околу проширувањето на ЕУ и бугарската блокада за земјава.

„Денеска во Скопје имав средба со еврокомесарот Вархеји, со кого отворено разговараме на неколку теми како што е Економскиот инвестициски план, кој е навистина силен позитивен импулс за нас, до конкретни проекти кои ќе бидат објавени до крајот на годината. Една од темите за разговор ни беа и подготовките кои ни претходат за претстојниот Самит за Западен Балкан во Словенија следната недела, каде ќе имаме одличен простор за заедничка дискусија. Европскиот пат е важен за двете страни и посветени сме на тој процес“, напиша Заев во неколку твитови.

Еврокомесарот Вархеји пред една недела ја посети Софија, каде според официјалното соопштение, разговарал за можноста за решавање на бугарско-македонскиот проблем поради кој Софија лани во декември ги блокираше македонските евроинтеграции.

Денешната посета на Скопје доаѓа откако вчера Ројтерс, повикувајќи се на четворица дипломати во Брисел, објави дека членките на ЕУ повеќе немаат заеднички став околу европската иднина на Западен Балкан, односно дека ЕУ повеќе не може да гарантира дека земјите од регионот, меѓу кои е и Северна Македонија, воопшто ќе станат членки на Унијата.

Дека се интензивираат разговорите на линија Скопје-Софија пред самитот ЕУ-Балкан во Словенија, најавија и претседателата на ЕК Фон дер Лајен и премиерот Заев по вчерашната средба во Скопје. Таа рече дека разговараат со двете страни.

„Има многу добри идеи за коишто вреди да се размисли, сè со цел да ја надминеме последната пречка и да започнеме со првата меѓувладина конференција“, рече Фон дер Лајен.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Јутуб забранува антиваксерски видеа

Следно

Официјално: Андреј Цветковски е нов кошаркар на Гостивар

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian