Вардар оди по победа и против европскиот вицешампион Алборг

2 mins read

Ракометарите на Вардар вечерва (18.45 часот) во СЦ „Јане Сандански“ го имаат најголемиот предизвик сезонава во Лигата на шампионите, го пречекуваат актуелниот вицешампион, Алборг.

Вардарци по две кола во ЛШ имаат скор од една победа над Мешков Брест и реми со Елверум, додека Алборг има две убедливи победи над ППД Загреб (34:24) и над Монпелје (36:28).

Атмосферата во таборот на „црвено-црните“ е на највисоко ниво, а и тренерот и играчите веруваат дека Алборг кој според Веселин Вујовиќ игра најдобар ракомет во Европа, е препрека која може да се помине.

– Сега пред нас е Алборг, тим за кој не треба да се трошат зборови, според мене Алборг игра најубав ракомет во Европа. Сепак, ние играме дома, ја имаме поддршката од публиката. На крилата на навивачите даваме 100% од себе, играме квалитетно и можеме да го победиме секој ривал, па и Алборг – вели тренерот Вујовиќ.

И ракометарите сметаат дека Алборг кој вечерва ќе настапи без својот најдобар ракометар Арон Палмарсон има свои слабости кои може и мора да се искористат и со помош на публиката да се оствари позитивен резултат.

– Јас мислам дека секоја екипа има слабост, дури и ваква како Алборг. Тие се противник од типот на Елверум, многу трчаат имаат силно темпо. Е наша задача ќе биде да ги извадиме од ритам, од таа нивна комфорна зона, да мора да ги запреме, да ги натераме да играат без топка. Кога ќе видите дека тоа што секогаш функционира прекинало да функционира настанува проблем, па треба да се прилагодите. Тоа е како во боксот, оној што знае да се адаптира на противникот има предност. Тоа не значи дека нам ни се допаѓа таква игра, но ако функционира ќе ја играме – вели Тимур Дибиров.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Заев: Повторно сме на прво место по транспарентност во регионот

Следно

ВИДЕО | Д-р Митов: Заборавете на трендовите, сите успешни диети во својата основа имаат иста формула

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian