Локални избори 2021: Се очекува голема „борба“ за градот под Марковите Кули

6 mins read

Поранешниот министер за транспорт и врски и поранешен директор на Царинската управа, Горан Сугарески од  СДСМ, специјалистот ортопед Борче Јовчески од ВМРО-ДПМНЕ и еден од предводниците на „Шарената револуција“, адвокатот Жаре Стеваноски се дел од кандидатите кои ќе се борат за градоначалник на Прилеп. Вкупно пет кандидати за градоначалник и осум листи за советници ќе се тркат за да ја освојат довербата на граѓаните на општина Прилеп на локалните избори на 17 октомври.

Освен овие тројца кандидати, за градоначалничката функција во Прилеп ќе се натпреваруваат и Славе Петрески од „Движење во Центарот“ покренато од партиите ЛДП и ДОМ, како и Зоран Митрески од партијата Интегра.

Градот во изминатите четири години го водеше Илија Јованоски од редовите на СДСМ, но за претстојните локални избори, партијата го кандидираше Сугарески кој од министер и директор, сега ќе се натпреварува да стане градоначалник на родниот град.

Сугарески посочи дека доаѓа време кога целото негово искуство, стекнато знаење и вештини, ќе ги посвети исклучиво на Прилеп и на прилепчани.

– Се соочуваме со предизвикот на овие локални избори заедно да оствариме голема и сенародна победа, во која сите ќе се вградиме и со која ќе се гордееме. Јавно се обврзувам, дека нема да делам, туку ќе обединувам. Немам предрасуди спрема никого. Ги препознавам и почитувам разликите. Искрено ја почитувам конкуренцијата и подготвен сум секоја добра идеја да ја интегрирам во мојата изборна програма. Бидејќи мојата цел е да бидам градоначалник на, без исклучок, сите граѓани на општина Прилеп – посочи Сугарески.

Се очекува на Сугарески главен ривал да му биде д-р Јовчески, актуелен советник во Советот на Општина Прилеп од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, инаку ортопед.

– Сум имал можност да го напуштам градот, но тоа не одговара на мојот карактер. Моето мото е дека каменот си тежи на местото. Зарем има поубаво место за еден прилепчанец, од местото во кое се родил, низ чии улици пораснал, низ чии школски клупи другарувал, од местото во кое живеел и дејствувал? Јас сум сигурен дека нема! Можеби сите не размислуваат вака, но сепак според мене најдобро е кога работиш и се ангажираш за своите сограѓани. Не чека многу работа, многу непреспиени ноќи, изработувајќи, реализирајќи проекти, настани, инвестиции и заеднички успеси. Затоа што Прилеп и прилепчани го заслужуваат тоа – истакна д-р Јовчески.

Натпреварот меѓу кандидатите во Прилеп го засени фејсбук коментар на прилепчанец кој ја искористи личната трагедија на лекарот Јовчески и му порача да се повлече од трката за да не го најде и другиот син во ендек. Овие закани остро ги осуди целата јавност, но и противкандидатот на Јовчески, Сугарески, па двајцата беа на пријателска средба на која Сугарески апелираше на натпревар со идеи, а не со навреди.

Како независен кандидат на овие избори настапува и ветеранот од „Шарената револуција“, адвокатот Жарко Стеваноски, кој настапува со граѓанска иницијатива „Че вреди“, чија независна советничка листа ја предводи Дарко Конески.

– Одлучивме да ја бараме поддршката од граѓаните како граѓанска листа и се надеваме дека прилепчани, како низ историјата, така и сега, ќе покажат пркос наспроти партиските стеги на политичките близнаци ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и ќе ни ја дадат можноста да покажеме дека нема да дозволиме партиските локални шерифи да ни бидат репер за успешно водење на локалната власт – рече Стеваноски на промоцијата на неговата канидатура.

Славе Петрески, кандидатот на ЛДП и ДОМ е стопанственик и поранешен директор на Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање од Прилеп. Петрески настапува под мотото „Одлучно за промени“, вели дека ги знае проблемите на граѓаните и тоа го мотивирало  за кандидатура, како и дека ќе направи сѐ за да се подобри економскиот амбиент ида се решацт многубројните проблеми на граѓаните. Носител на кандидатската листа за советници на „Движењето во центар“ ќе биде бизнисменот Јане Станкоски.

Кандидатот на Интегра Зоран Митрески е енергетичар со долгогодишно искуство, кој за себе вели дека никогаш не бил во партија, но партиајта Интегра соодветствува со неговите политички уверувања, па затоа решил да се кандидира. Најголем акцент во неговата програма ипромотивни активности тој става на инвестициите во енергетика, соларна енергија, еколошки проекти, отворање рудници на неметали и друго.

Сите кандидати пред почетокот на кампањата го потпишаа кодексот за фер и демоктарски избори и се обврзаа дека ќе се воздржат од користење негативна камапања.

Во досегашните настапи и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ уверуваа дека нивните кандидати се победници во Прилеп и дека според нивните анкети тие се во предност пред политичкиот противник. На предвремените парламентарни избори од јули 2020 година во Прилеп имаше тесна трка помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а во блага предност беше опозициската коалиција. ВМРО-ДПМНЕ освои 17,366 гласови, СДСМ 17.074, а Левица 2,054 гласови.

 

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Суарез со гол во 97 минута испиша историја во Лигата на шампионите

Следно

Џон Кери во посета на Европа

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian