Годинава на Виз Ер Скопскиот маратон ќе има околу 7000 учесници

4 mins read

Виз Ер Скопски маратон, традиционално со четирите трки, ќе се одржи во недела, на 3 октомври, со што маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон – ЕУ за спорт ќе започнат во 08.00 часот, а трката на 5км ќе се трча со старт во 08.10 часот. Стартот и целта на трката ќе бидат на платото пред главниот влез на Спортски центар „Борис Трајковски“.

Патеката по која учесниците ќе трчаат ќе биде иста, како и претходната година, ова денеска го најави Кире Синадиновски, директор на Виз ер Скопски маратон, на прес конференцијата и соопшти дека целиот настан ќе биде организиран согласно протоколите одобрени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

– Годинава е вистински предизвик да се организира 17 по ред издание на Виз Ер Скопски маратон, со оглед на ковид протоколите кои мора да се почитуваат. Оваа година ќе имаме околу 7000 учесници на сите четири трки, маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон – ЕУ за спорт и трката на 5км. Маратонот и оваа година ќе биде домаќин на квалитетни натпреварувачи, како и секогаш, а имаме пријавено натпреварувачи од над 40 земји од целиот свет, со што очекуваме одлична трка. Фокусот на овогодинешното издание ќе биде на домашните маратонци, кои ќе се потрудат да ги постигнат најдобрите резултати и да ги срушат сопствените, но и рекордите кои се досега поставени на Скопскиот маратон низ годините – изјави Синадиновски.

Директорот на Виз Ер Скопски маратон изрази огромна благодарност до организаторите на маратонот, Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски Клуб „Работнички“, до ко-организаторот Министерство за внатрешни работи (МВР), до покровителите на маратонот, Град Скопје, Делегацијата на Европската Унија, Агенцијата за млади и спорт, како и до сите волонтери кои ќе бидат вклучени во реализацијата на овогодинешното издание.

Исто така, Синадиновски изјави дека сите учесници пријавени на овогодинешното издание на маратонот, со покажување на стартниот број ќе можат бесплатно да го користат јавниот градски превоз во Скопје на ЈСП.

Прес конференцијата се одржа на терасата на хотел Парк и Спа, каде што свое обраќање имаа и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, како и атлетичарите и рекордери на маратонот, Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов истакна дека со големо задоволство Град Скопје е повторно традиционален домаќин и покровител на Виз Ер Скопски маратон.

– Скопје и годинава ги отвора вратите на атлетичарите. Од година во година Скопскиот маратон стана традиционален и најголем маратон на Балканот. Ова е една голема мотивација за сите нас, за да продолжиме да инвестираме во едно такво спортско случување. Организацијата оваа година содржи голем број на волонтери кои максимално ќе се потрудат овогодинешното издание да се одржи и реализира во најдобар можен ред. Им посакувам многу среќа, добра трка и одлични резултати на сите натпреварувачи оваа година – рече Шилегов.

Дарио Ивановски ќе се обиде да го сруши досегашниот рекорд на Скопски маратон/Фото: Виз Ер Скопски Маратон

Свое обраќање имаа и Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова кои истакнаа дека маратонот за нив значи одлична шанса да се покажат пред сопствената публика и да ги срушат поставените рекорди. Поп Арсова кажа дека маратонот за неа значи празник на градот, а според неа најдобро се трча на домашен терен. Дарио изрази огромна благодарност на тимот на Скопски маратон и кажа дека желба за оваа година му е да биде првиот атлетичар кој ќе го сруши досегашниот рекорд на Скопски маратон.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ДКСК ќе бара одговорност за партиските активности на Османи и Нуредини во работно време

Следно

ФОТО+ВИДЕО: Нов протест во Љубљана против ковид мерките

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian