Диета која спречува создавање камен во бубрегот: Што е дозволено, а што е забрането да јадете

3 mins read

Да се спречи повторното настанување на камен во бубрегот, откако сте се ослободиле од него, претставува главна задача и на пациентот и на лекарот.

Во таа смисла, една од првите работи што треба да се направи е да се промени начинот на исхрана.

Во одбирањето на храната за одреден пациент, потребно е да се направи анализа на урината и составот на исфрлениот камен. За да се одреди правилен диететско-хигиенски режим, задолжително се прави хемиска анализа на каменот за да се види кој минерал доминира, односно кои намирници придонесуваат за неговото создавање.

Докажано е дека доколку се примени адекватна диета, до рецидив (повторна појава) на камен во бубрегот во следните пет години доаѓа само кај 20 отсто од пациентите. А, ако не се примени диететско-хигиенскиот режим, процентот на пациентите кај кои повторно се појавува каменот е дури 80 осто.

Покрај специфичните диети кои се применуваат при лекувањето, постојат и општи мерки за спречување на настанувањето и рецидивот на уринарниот камен и песокот. Овие мерки подразбираат што повеќе да се земаат течности, најмалку една чаша вода на секои два часа. Истовремено, би требало да се заштитите од губење на течностите преку прекумерно потење, тешка физичка работа, сончање, изложување на високи температури, прекумерно занимавање со спорт, претерана употреба на лекови за чистење на цревата…

Важно е и да се избегнуваат стрес, алкохол, газирани пијалаци, концентрирани шеќери – како што е мед и овошен сируп, слатки, вештачки засладувачи и соли.

Онаму каде што ќе се утврди дека во каменот доминираат минералот калциум и оксалати (калциум-оксалатен камен), се препорачува избегнување на зелен зеленчук, но и на цвекло, а од овошјето да не се консумираат јаболки, грејпфрут, рибизли, малини, јагоди, капини, боровинки и сливи. Од месо не е пожелно јагнешко и овчо месо, а од напитоците да се избегнува кафе, какао, чоколадо, кола и силни чаеви. Исто така е важно да не сe претерува со домашните чаеви како што е нане, камилица, магдонос, увин и овошен чај.

При диета за оние кои имаат фосфатен камен и песок во бубрегот, би требало да се избегнува риба, жолчка, јајца, млеко (дневно може по 1 чаша млеко и половина литар јогурт) и млечни производи. Посебно е важно да се воздржувате од стари полномасни (овчи) сирења и тврди кашкавали како што се едамер, ементалер и пармезан. Пожелно е да не се консумира грав, грашок, леќа, боранија, ореви, бадеми, лешници, кикирики, кафе и газирани пијалаци.

Диетата за уратен камен и песок подразбира избегнување на консумација на сите внатрешни органи, пред сѐ на црн дроб, мозок, бубрези, коскена срж (ја има во супите). Исто така не се препорачуваат грашок, грав, леќа, бадеми, ореви, лешници, кикирики, соја и печурки.

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Фон дер Лајен денеска и утре ќе престојува во Србија

Следно

Твитерџиите го распукаа Камиказа: Перо се утепа за Шилегов, толку беше!

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian