Дебата: Дивоградбите и УНЕСКО се клучните теми во Охрид пред изборите

3 mins read

Тројца кандидати се борат за функцијата градоначалник на Охрид на претстојните локалните избори, а актуелниот градски татко Константин Георгиевски ќе се обидат да го заменат Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ и Гоце Цветковски од ТМРО.

Кандидатите вечерва ги претставија своите визии за развојот на градот и за решавање на неговите проблеми, во дебата на телевизија 24. Поголемиот дел од дебатата помина во изнесувањето можни решенија околу најактуелните охридски проблеми: статусот на градот во УНЕСКО и дивоградбите, како и условите за туризам и состојбата со плажите на Охридското Езеро и палењето на ѓубрето на депонијата Буково.

Според актуелниот градски татко Георгиевски, проблемот со УНЕСКО датира одамна и тој е генериран со децении наназад, како и дека до оваа состојба се дошло поради лошото менаџирање.

„Лошото менаџрање како резултат на неносењето на соодветни законски регулативи, овозможил несодветна урбанизација и развој на градот во погрешна насока. Проблемот со бесправната градба е во целата држава, но Охрид стана синоним за бесправните градби и затоа направивме регистар на тие градби“, рече Георгиевски.

Пецаков истакна дека во изминатите четири години „се стимулирале или потајно се премолчувале“ дивоградби во центарот на Охрид, „поради теснокоалициски договори кои беа повеќе од очигледни“.

„Покрај тоа што стана популарен по бројот на дивоградби заради извештајот на УНЕСКО, треба да сме чесни и да кажеме колкав е бројот на дивоградби во изминатите четири години кои што се стимулирани, заради пред сѐ, би рекол, непринципиелни коалиции кои што беа видливи во нашиот град во изминатите четири години, и на некој друг начин не биле стимулирани, меѓутоа преќутно беа дозволувани тие да се случуваат. А, инаку тврдам, сѐ што е настрана од фокусот и е поврзано со дивоградба не е основната цел зошто ние под УНЕСКО бевме ставени како загрозено подрачје“, рече Пецаков.

Во својот не толку суштински, но визуелно и реторички прилично впечатлив настап во дебатата, Цветкоски од ТМРО рече дека урбаната мафија сее страв во Охрид, но и дека тој ќе ги урне дивоградбите доколку биде избран за градоначалник.

„Мојот план е како менаџер е ефикасност. Дивоградбите што се во спротивност со УНЕСКО ќе бидат автоматски срушени, пластиката масовно ќе се рециклира и нема да се пали ѓубре“, рече тој, додавајќи дека сето ова ќе се случи дури откако тој ќе го врати знамето со сонцето од Вергина и името Република Македонија пред општинската зграда.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Роденденски „десерт“ од ајвар: Колку години наполни младоликата Ноне?

Следно

Роналдо го надмина рекордот на Касиљас во Лигата на шампионите

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian