Поради страв од можни реакции во земјите членки, Брисел повеќе не може да гарантира дека шесте балкански земји, меѓу кои и Северна Македонија, кои претходно добија ветувања и уверувања за европска иднина, воопшто ќе бидат примени во ЕУ, пишува Ројтерс, повикувајќи се на четворица дипломати и еден документ.
Во документот од Брисел, кој претставува предлог-заедничка изјава за претстојниот самит ЕУ-Балкан, закажан за 6 октомври, пишува дека ЕУ планирала во изјавата да стои дека Унијата ја реафирмира својата „недвосмислена поддршка за европската перспектива за Западен Балкан“. Но, според дипломатските извори на Ројтерс, земјите членки и по две рунди разговори, сѐ уште не постигнале согласност за оваа формулација.
Застојот во разговорите околу декларацијата е нова пречка за ЕУ пред самитот, кој требаше да ја зацврсти посветеноста на ЕУ на стратегијата според која на Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Албанија им беше ветено дека ќе станат дел од европското семејство, пишува Ројтерс, забележувајќи дека последниот развој се случува во време кога избувнаа нови тензии на границата меѓу Србија и Косово.
Членките не ги откриваат своите позиции по ова прашање, но според диломатите, богатите северни земји, како Данска, Франција и Холандија, стравуваат од повторување на избрзаната интеграција на Бугарија и Романија во ЕУ во 2007-та година, и лошото менаџирање на миграцијата на работната сила од Источна кон Централна Европа и Британија.
Од друга страна, членките кои се залагаат за проширување, како Италија, Австрија, Хрватска, Словенија и Балтичките земји, ги критикуваат Франција и Германија дека не извршиле доволно притисок врз Бугарија да ја симне блокадата за Северна Македонија, што би го одблокирало процесот на проширување, се вели во статијата на Ројтерс.