Пеп Гвардиола одржа прес-конференција денеска пред утрешниот судир помеѓу неговиот Манчестер сити и ПСЖ во Лигата на шампионите. Натпреварот ќе се игра од 21.00 часот на „Паркот на принцовите“ во Париз, Франција.
Тоа ќе биде нов меч во кој силите ќе ги одмерат Гвардиола и Лионел Меси, дуо кое заедно освои сè што можеше да се освои со Барселона.
– Игравме еден против друг и кога бев во Баерн. Сега тој веќе не е во Барселона и луѓето почнаа да го прифаќаат тоа. Претходно не можевме ниту да го замислиме, но тоа се случи. Важно е дека тој е среќен во Париз.
Меси е играчот кој најдобро зборува за себе на теренот. Го гледавме тоа 16 години. Не треба да го опишувам или да зборувам за него. Поради фудбалот, се надевам дека ќе игра утре – рече Гвардиола, менаџерот на Сити.
Matchday 2! 🙌
Which game will be most entertaining? 🍿#UCL
— UEFA Champions League (@ChampionsLeague) September 27, 2021
Новинарите го прашаа Шпанецот како планира да го запре напаѓачкото трио на ПСЖ, Меси, Нејмар и Килијан Мбапе, а тој искрено призна дека нема решение.
– Тоа е толкава количина на квалитет што немам идеја како да ги спречиме. Тие се толку добри, имаат толку многу талент, невозможно е да се контролираат.
Ќе треба добро да се браниме кога ја немаме топката и да ги натераме да трчаат кога ја имаме. Сите тие се неверојатни играчи, секој го знае тоа. Тие се феноменални индивидуално, но и заедно – вели Гвардиола.
Во првите мечеви од групата „А“ „граѓаните“ со 6:3 славеа против Лајпциг, а ПСЖ одигра само реми 1:1 со Клуб Бриж.