Властите во германскиот град Вупертал во Северна Рајна-Вестфалија денеска ги повикаа граѓаните да не излегуваат на гласање на пет избирачки места, откако во таа област беше пронајдена бомба од Втората светска војна, пренесува Дојле веле.
„Гласачките места се наоѓаат во радиус од 500 метри од местото каде што е пронајдена бомбата. На граѓаните кои гласаат овде им беше кажано да не доаѓаат на избирачките места додека не се реши ситуацијата“ – изјавија градските власти.
Луѓето биле евакуирани од зградите во близина на местото каде што била пронајдена бомбата. Околу 400 луѓе се во привремено засолниште во едно средно училиште.
Оние кои живеат во радиус од 200 до 500 метри од местото каде што е пронајдена бомбата, мора да останат дома, додека властите не објават поинаку.
Речиси 60.000 избирачки места ќе бидат отворени до 18 часот. Според првичните истражувања, шесте најголеми партии имаат шанса да влезат во Бундестагот.