Со натпреварот МЗТ Скопје Аеродром-Работнички кој се игра вечерва 19.30 часот во СРЦ „Кале“ и официјално ќе стартува новата сезона во македонската кошарка.
Честа да ја отворат новата сезона ја имаат вечните ривали МЗТ Скопје и Работнички и тоа во Суперкупот кој го носи името „Драган Василов Цевка“.
„Металците“ кои минатата сезона ја освоија двојната круна, во вечерашниот натпревар ќе влезат ослабени поради повредите на неколку кошаркари, но и покрај тоа желбата е трофејот да се однесе во Аеродром.
– Ќе биде убаво доколку сезоната ја започнеме со освојување на трет пехар во серија. Суперкупот е натпревар кој е увертира за новата натпреварувачка сезона во кој нас нè чекаат многу натпревари. Би требало да биде релативно ревијален тип на натпревар. Имавме проблеми со повредите во целиот тек на подготовките и до последен момент не знам кои играчи ќе ги имаме на располагање за овој меч. Се надевам на една спортска приредба, и на крај, да ја започнеме сезоната со победа. Ќе биде интересно, во секој случај, да видиме до каде сме во овој момент- вели тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Дарко Радуловиќ.
Од друга страна Работнички во овој натпревар и во новата сезона влегува со реновиран тим и со нов тренер во Тони Симиќ.
– Ова е еден сосема нов проект на Работнички, каде што целосно е променет играчкиот, тренерскиот, и дел од раководниот сегмент во клубот. Направен е еден целосен „ребилдинг“ на сите нивоа. Сигурно е дека ни треба време да се воиграме. И мора да се биде трпелив во тој поглед – смета Симиќ.