Еврејската организација на Бугарија „Шалом” издаде декларација против Румен Петков, лидерот на АБВ, за која се смета дека е проруска партија, јави дописникот на МИА од Софија.
Причина за тоа беше што Петков се појави во ТВ емисија со жолт беџ на кој пишуваше „невакциниран”.
Според организацијата „Шалом”, тоа е потсетување на жолтите ѕвезди кои Евреите биле принудени да ги носат за време на Втората светска војна.
Во декларацијата се наведува дека е срамно за бугарски политичар и поранешен министер да користи симболи од периодот на Холокаустот за да ги зајакне своите тврдења и тези.
Секоја неумесна споредба на сегашноста со тешките години на војната ги омаловажува страдањата кои ги претрпеа жртвите на Холокаустот. „Шалом” ги повика бугарските политичари и јавни личности да ги одмерат и земат предвид своите зборови и постапки кога говорат за мрачните години од периодот на Втората светска војна.