Д-р Даниела Караманова, специјалист по ортодонција: Ортодонтски третман со мобилни апарати

2 mins read

Навременото откривање на причинителите, има големо значење во планирањето и лекувањето на ортодонтските аномалии.

Ортодонтските аномалии можат да се насетат уште во периодот на млечна дентиција, но видно се забележуваат со никнувањето на првите трајни заби. Тогаш се забележува неправилната положба на штотуку изникнатите заби. Затоа правилниот и навремен ортодонтски третман овозможува елиминирање на тие аномалии.

Причините кои можат да бидат општи етиолошки фактори (наследност, ендокрини дисфункции, прележани болести) или локални етиолошки фактори (трауми, дишење на уста, неправилно голтање, џвакање, говор, цицање прст, тискање јазик, прерано губење на млечни и трајни заби, неправилно поставени забни зачетоци), придонесуваат за нарушување на нормалниот раст и развој во орофацијалниот систем. Навременото откривање на причинителите има големо значење во планирањето и лекувањето на ортодонтските аномалии.

Терапијата започнува со земање анамнеза и отпечатоци, врз основа на кој се прават соодветни ортодонтски анализи. Тие ни укажуваат на отстапувањето од нормалните вредности на растот и развојот.

Добиените параметри ни овозможуваат да пристапиме кон правилен избор на ортодонтски мобилен апарат со кој би се спроведувал ортодонтскиот третман. Улогата на ортодонтскиот апарат не е да врши само поместување на неправилно поставените заби, туку има и покомплексна намена посебно кај пациенти со скелетни аномалии. Тие се т.н. миофункционални апарати чија улога е да воспостави понатамошен правилен раст и развој на орофацијалниот систем со што ќе овозможи правилна функција (говор, голтање, дишење, џвакање) и правилен изглед на лицето, со што се добива убава естетика.

Ортодонтскиот третман е најефикасен доколку се спроведе во соодветната возраст, а тоа е периодот на активен раст и развој (претпубертет). Но сепак, најважно е да постои соработка со пациентот и откога ќе ги добие правилните инструкции од ортодонтот, како треба да го носи мобилниот апарат, како да одржува правилна хигиена и да му се објасни каков резултат всушност се очекува од носењето на мобилниот апарат. Придржувањето кон упатствата зададени од докторот и почитувањето на термините за редовни контроли е гаранција за успех.

Придобивки од ортодонтскиот третман се правилно поставени заби, а со тоа се намалува и појавата на кариес и пародонтални заболувања, како и предвремено губење на забите, а сето тоа овозможува убав естетски изглед.

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Ана Брнабиќ во ОН: Приштина разгоре голема криза

Следно

Tатко си ги задавил своите три деца во Загреб, убиството го најавил на фејсбук

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian