Џабе повеќе пари ако се употребат за повеќе вработувања

3 mins read

Предложените измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа ќе ги зголемат приходите на општините, но прашање е дали ќе се унапредат и услугите што моментално ги добиваат граѓаните од општинските служби – вели за „Слободен печат“ Катица Михајловиќ од Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ), организација што веќе 26 години работи заедно на зајакнување на локалната демократија.

Наместо досегашните 3 отсто, општините ќе добиваат 6 отсто од персоналниот данок, како и 6 отсто наместо досегашните 4,5 отсто од собраното ДДВ на општините. Овие мерки се предвидени со предлог-закон што Владата веќе го достави до Собранието, а неговото изгласување од пратениците ќе биде по локалните избори.

– Предложените измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа секако дека ќе ги зголемат приходите на општините. Меѓутоа, последните достапни анализи покажуваат дека повеќе од половина од вкупните општински трошоци се наменети за исплата на многубројната администрација. Оттука, треба да го поставиме прашањето што за граѓаните би значело зголемувањето на приходите во општинските каси. Дали би се унапредиле услугите што моментално ги добиваат граѓаните, нивниот квалитет, односно поедноставување на административните процедури? Дали би се спроведувале повеќе развојни и капитални инвестиции што досега не можеле да се спроведат? Сметам дека зголемувањето на приходите на општините не треба да го поттикне нивниот апетит за нови вработувања во администрацијата – изјави Михајловиќ.

Приходите, додава таа, треба рационално да се насочат кон неколку клучни области неопходни за развој на општините.

– Тоа се забрзана дигитална трансформација, подобрување во системите за управување со квалитет и за мерење на задоволството на корисниците на услуги, како и за спроведување економски и социјални програми од корист за заедницата. Поголеми приходи треба да носат унапредување на капиталната инфраструктура, подобрување на деловниот амбиент, привлекување инвестиции и зголемување на конкурентноста на локалната економија – вели Михајловиќ.

Според владиниот предлог, измените обезбедуваат стабилни приходи во буџетот на општините, истовремено ја зајакнуваат финансиската дисциплина и транспарентноста на општините. Се намалуваат достасаните, а неплатени обврски. Општините ќе имаат обврска на транспарентен начин да објавуваат финансиски извештаи на веб-страниците за сите пари што се добиени од државата. Според пресметките, во наредните три години во општинските каси треба да се слеат дополнителни 39 милиони евра.

Општините ќе смеат да ги користат овие пари за потребите на граѓаните и за инвестиции во капитални инфраструктурни проекти, а не смеат да се користат за несуштински работи како купување мебел и општински возила. Дополнително, со реформата се работи и на формирање нова Агенција за регионален и локален развој преку која ќе бидат достапни повеќе пари за инфраструктурни проекти за општините, што ќе придонесе за побрз регионален развој. Агенцијата ќе добива пари од централниот буџет, но и од домашните и од меѓународните финансиски институции за финансирање на капиталните инфраструктурни проекти за општините.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Наставничка од Марибор добила отказ, зашто била активна антиваксерка

Следно

Меси конечно пронајде дом во Париз: Нема да живее во замок и ќе плаќа кирија од 20.000 евра месечно

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian