Полициски специјалци се распоредени во кругот на Инфективната клиника во Скопје, а причината е тоа што во клиниката се лекува еден од осудените за случајот „Диво насеље“, објави Телма.
Надлежните потврдуваат дека кумановец осуден за поддршка и логистика на терористичката група, наместо во притвор во Шутка, е во болница откако се заразил со коронавирусот и развил пневмонија.
Поради опасност од бегство и од безбедносни причини, како превентивна мерка околу затворите каде се сместени осудениците (голем број и доживотно) за Диво Насеље има дополнителни полициски сили од специјалните единици на МВР.
Нема информации како осуденикот се заразил бидејќи е во ќелија, кој има право на посети и на движење низ затворот, согласно дневниот распоред за излегување.
Во инцидентите во Куманово во мај 2015-та загинаа осуммина полицајци, над 50 беа повредени, а во престрелката загинаа и десетмина припадници на терористичката група, која преку Косово влезе во земјава и се утврди во кумановско Диво насеље.