Речиси половина од младите веруваат дека пандемијата ја создале моќници што сакаат да владеат со светот

2 mins read

Речиси половина од младите, односно 43 отсто, веруваат дека пандемијата предизвикана од коронавирусот е создадена од мала група на моќни луѓе со цел да владеат со светот, вели извршниот директор на Младинскиот образовен форум (МОФ), Димитар Низамовски, кој во емисијата „360 степени“ ги коментираше резултатите од студијата за социополитичкото учество на младите во Северна Македонија, изработена од Фондацијата „Вестминстер“, во соработка со МОФ.

Еден од тројца млади или 33 отсто, се подготвени да се вакцинираат против ковид-19, а дури 46 отсто не би се вакцинирале, додека пак, 20 отсто сè уште не одлучиле дали ќе се вакцинираат, покажува истражувањето.

Низамовски вели дека неопходно е да се работи на медиумската писменост, бидејќи резултатите од студијата им покажале дека младите во Македонија се многу подложни на дезинформации.

„Забележавме дека безмалку секој втор млад човек е подложен на теории на заговор каде се смета дека вирусот е вештачки создаден од лабораторија од мала група на моќници со цел да се контролира светот. Тука, меѓу другото, може да ја видиме улогата и нивото на медиумската писменост кај младите. Односно дали и колку се запознаени тие за да може да препознаат лага од вест, односно факти наспроти дезинформации“, вели тој.

Тој додаде дека има иницијатива на која ќе се работи заедно со Министерството за образование и наука, а се однесува на медиумската писменост.

Низамовски го спомена и податокот за тоа колку од младите се подготвени да се вакцинираат против ковид-19, односно се работи за 33 отсто од испитаниците, додека пак 46 отсто не би се вакцинирале.

„Методолошки ова беше направено во период кога кај нас сè уште немаше вакцини против ковид и сите ние како граѓани бевме во неизвесност како и кога ќе се набават вакцините, што можеби е некој дополнителен фактор кој влијаел на овој процент. Меѓутоа, и тој податок загрижува, колку младите ѝ веруваат на науката и колку се подготвени да ја стават индивидуалната одговорност наспроти колективната, што дополнително загрижува ако го гледаме општеството во целина“, вели Низамовски.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Состанок на главните непријатели на Кина во Вашингтон

Следно

Изложба на дела од кавадаречки ликовни уметници и нивни гости

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian