Интервју со д-р Слаѓана Ристовска, спец. педијатар: Тридневна треска – Како се пренесува болеста и кои деца ѝ се најподложни?

7 mins read

Како што и самиот назив сугерира „тридневна треска“, оваа болест има многу карактеристичен тек. Типична е појавата на висока, тридневна, температура (понекогаш, ретко и четири дена), кога таа нагло престанува, а потоа се појавува брзоширечки макулозен осип, најмногу на трупот, кој спонтано исчезнува по неколку денови (најчесто три).

Розеола е вирусна осипна детска болест. Причината е човечкиот херпес вирус тип 6. Станува збор за лесна болест, која во првите три дена збунува, бидејќи освен зголемената телесна температура, детето нема ниту еден друг симптом. Осипот се појавува по тридневна фебрилност, дури кога температурата ќе опадне. Во периодот кога детето има само температура, тоа претставува дијагностички проблем за педијатарот, така што, по правило, се упатува на преглед на крвта и на бактериолошко испитување на урината.

Што претставува розеола?

– Roseola infantum exanthema subitum или тридневна треска претставува акутна вирусна болест, позната како шеста од традиционалните егзантемски вирусни осипни заболувања, која најчесто се појавува во доенечкиот период и се карактеризира со појава на висока тридневна телесна температура и со појава на осип по телото, кој се појавува откако ќе настане опаѓање, односно нормализирање на температурата.

Појавата на ова заболување порано се поврзувала со многу вируси како предизвикувачи (аденовируси, парвовирус Б19 , вирусот на параинфлуенца, echo 16), меѓутоа, денес се знае дека предизвикувач на ова заболување е хуман херпес вирусот – 6 (ХХВ-6).

Постојат два типа хуман херпес вируси А и Б, а најчесто сите примоинфекции во детската возраст е типот Б. Значи, единствен извор на зараза е човекот, а се пренесува од асимптоматски носител на микроорганизмот (клицоносители). По настанатата примоинфекција, вирусот останува во организмот (во лимфоцитите и респираторниот секрет), најверојатно може да се реактивира како фебрилна болест (состојба на зголемена температура, хепатитис – заболување на црниот дроб или, пак, некое белодробно заболување).

Ова заболување е раширено насекаде низ светот, најчесто со спорадичен облик (поединечно) и заболувањето може да се појави во текот на целата година. Во краевите со умерена клима, сепак, почесто се појавува во текот на пролет и лето.

Кој најчесто се разболува од розеола?

– Се појавува речиси исклучиво во детска возраст помеѓу три месеци и тригодишна возраст, најчесто кај доенчињата во период од 9-тиот до 12-тиот месец од животот.

Како се пренесува инфекцијата?

– Станува збор за вирусно заболување, каде извор на зараза е човекот кој е носител на микроорганизмот (клицоносител), се пренесува по аеро-капков пат, преку Флигеовите капки, со кивање, кашлање, преку плунка, носна секреција или допир со крв.

Колкав е периодот на инкубација?

– Овој период на инкубација го претставува периодот од моментот на внесување на вирусот во организмот до појавата на првите симптоми и трае од 7-17 дена, најчесто околу 10 дена.

Како се манифестира ова заболување?

– Болеста започнува со појава на нагла, висока фебрилност, температурата може да се зголеми и до 39-40 степени Целзиусови, најчесто трае три дена поради што ова заболување и најчесто се нарекува тридневна треска, но понекогаш може да трае и до 5-7 дена, без никаква друга симптоматологија. По овие три дена на фебрилност, наеднаш доаѓа до опаѓање на температурата и кога температурата ќе се нормализира, се појавува осип по телото. Осипот на телото најпрво се појавува на трупот, а потоа брзо се шири на вратот, лицето, потоа на екстремитетите (рацете, нозете), има нежно светлоцрвеникава боја, по форма е макулозен или макуло-папулозен, во форма на црвени петни кои се во ниво на кожата или како мали паулки во големина од 2-3 мм во размер.

Oсипот трае 2-3 дена и се повлекува по истиот редослед како што се појавил. Карактеристично за ова заболување е тоа што детето за цело време и додека  трае фебрилноста, е во добра општа состојба. Ова е типичната клиничка слика на ова заболување, но за жал, само 20 отсто од децата ја имаат оваа симптоматологија, најчесто заболувањето поминува со една атипична форма, како нејасна фебрилна состојба, честопати здружена со симптоматологија од гастроинтестиналниот и горнореспираторниот тракт. Понекогаш фебрилната состојба кај некои дечиња може да доведе и до појава на конвулзии.

Понекогаш кај дечињата може да се појави и зголемување на лимфните јазли на вратот, симптоми на настинка или, пак, осипот може да се појави и за време на траењето на температурата.

Како се поставува дијагнозата?

– Дијагнозата се поставува врз основа на клиничката слика, макулозниот осип по телото. Најчесто по направената крвна слика во деновите кога има зголемена телесна температура има зголемен број леукоцити (леукоцитоза), во прилог на лимфоцитоза кој укажува за вирусна инфекција и се нормализира со падот на температурата.

Многу често при ова заболување диференцијално дијагностички се помислува на други вирусни осипни заболувања како морбили, рубеола, инфективна мононуклеоза, несакана реакција од лекови и сл.

Како се лекува ова заболување?

– Лекувањето е симптоматско, не постои некој специфичен третман на лекување. Се даваат препарати од типот на антипиретици за да се намали зголемената температура и да се превенира можната појава на фебрилни конвулзии, се даваат течности за да се спречи дехидратација, бидејќи се работи за болест која најчесто се појавува во доенечката возраст, поради што е потребно перорално рехидрирање.

Не постојат некои посебни мерки за превенција односно за спречување и заштита на ова заболување. Прогнозата на ова заболување е одлична и најчесто претставува едно безопасно заболување.

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Ѓукановиќ: Западен Балкан повторно е сцена на спротивставени геополитички интереси

Следно

Според анкетите популарноста на Макрон е во пораст во пресрет на претседателските избори

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian