Средба на Џонсон и Бајден во САД, главна тема: Климатските промени

3 mins read

Американскиот претседател Џо Бајден и британскиот премиер Борис Џонсон разговараа за опасностите од климатските промени на состанокот при посетата на Џонсон во САД, со цел да се истакне американско-британската алијанса, и се пошегуваа за радостите од патувањето со воз, пренесува Би-Би-Си.

Бајден му соопшти на Џонсон, кој беше загрижен дека неговиот топол однос со поранешниот претседател Доналд Трамп може да ги наруши односите со демократскиот лидер, дека со нетрпение очекува да дојде во Обединетото Кралство на конференција за глобалното затоплување подоцна оваа година.

„Фантастично е да се види дека САД навистина напреднаа и се покажаа како вистинско, вистинско раководство“, рече Џонсон, осврнувајќи се на проблемот со глобалното затоплување.

Џонсон пристигна на средбата по Генералното собрание на ОН во Њујорк со возот Амтрак во Вашингтон, за да се сретне со Бајден.

„Луѓево навистина те сакаат“, му рекол Џонсон на Бајден, мислејќи на персоналот на американската железница.

Воздушниот мост во Кабул

Бајден соопшти дека тие ќе разговараат за потенцијалниот трговски договор меѓу Велика Британија и САД, што би било важно за Велика Британија по Брегзит.

Џонсон прво се сретна со потпретседателката Камала Харис, која рече дека САД и Велика Британија се повеќе меѓусебно поврзани од кога било досега. Борбата против пандемијата, климатските промени и поддршката на демократијата низ целиот свет остануваат врвни приоритети за двете земји, рече Харис.

Џонсон ја пофали улогата на американската војска во „Кабулскиот воздушен мост“ и се заблагодари на американската влада за укинувањето на минатогодишната забрана за увоз на британско говедско месо, воведена по појавата на болеста кај кравите.

„Сакам да и се заблагодарам на американската влада, како и на вашата влада, поради начините на кои заедно работиме, на повисоко и поинтензивно ниво отколку било кога“, рече Џонсон.

Напредок на светската сцена

Владата на Џонсон ја гледа посетата како голем чекор, што покажува дека Велика Британија може да постигне напредок на светската сцена по напуштањето на Европската унија, а американско-британските разговори во Белата куќа се случија во услови на спор со Франција, членка на ЕУ.

Договорот за нов безбедносен сојуз што неодамна го објавија САД, Велика Британија и Австралија заврши на штета на Франција, поради што таа ги повлече своите амбасадори во САД и Австралија и го откажа состанокот за одбранбените прашања со Велика Британија.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Почина американскиот глумец Вилијам – Вили Гарсон

Следно

Навивачи и спортисти во еко-акција за чистење на река Пена од отпадоци

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian