Нови тензии во Собранието, овој пат околу недела како задолжително неработен ден

2 mins read

Нови тензии и препукувања донесе денешниот ден во Собранието, каде на дневен ред на седницата на Комисијата за труд и социјална политика, се најдоа законските измени кои предвидуваат дека од 1 октомври недела ќе се прогласи за задолжително неработен ден.

Измените во Законот за работни односи треба да го поминат второто читање, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ излегла со предлог да се разгледува информација во врска со реализација на проектот за набавка и пуштање во употреба на модуларните болници, по што опозицијата и владејачкиот СДСМ започнаа меѓусебно да се обвинуваат, пишува „360 степени“.

Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ, пак, освен за блокадите, на прес-конференција се пожали и за навреди од нејзината колешка Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ.

„Покрај блокадите и одолговлекувањата, денеска членовите на Комисијата сведочат на низок, навредлив и морбиден говор на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи. Наместо аргументации по однос на измените на Законот, Мизрахи денеска цел ден ги навредува пратениците и пратеничките, ги навредува министерките, ги навредува здравствените работници, ги навредува сите кои не мислат како неа. Мизрахи се однесува некрофилски, зборува за гробови и смрт, злоупотребувајќи ја тагата на семејствата на починатите во пожарот во Тетово, злоупотребувајќи ги чувствата на семејствата на починатите од коронавирусот“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Мизрахи, пак, во врска со наводите на СДСМ дека таа ги навредувала, кратко одговори дека „ВМРО-ДПМНЕ е опозиција во недомократска држава во која се обидува да го ослободи народот“.

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) ги повика опозициските пратеници да не прават блокада, еден ден откако ресорната министерка, Јагода Шахпаска, излезе со оптимистичка изјава дека верува оти пратениците заеднички ќе го изгласаат законското решение и тоа ќе стапи на сила од наредниот месец.

„Министерството за труд и социјална политика апелира до пратениците од опозицијата да не ја кочат собраниската процедура за предлог-законот за изменување и дополнување на работните односи, со кој се дефинира дека недела е ден на неделен одмор. За жал, во текот на целиот ден, на Комисијата за труд и социјална политика, поради процедурални забелешки, не беше овозможено да се отвори расправа за предлог-законот, кој работниците го очекуваат и треба да почне да се применува од 1 октомври оваа година“, апелираа од МТСП.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Еруптираше вулкан на Канарските острови, уништени се голем број на куќи

Следно

„Златната копачка“ Левандовски проговори за своите планови во иднина, Реал Мадрид е минато?

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian