БРИМА: Ексклузивното право на користење на резултатите од истражувањето е купено од „Слободен печат“ и не е платено од страна на Владата

3 mins read

Од приватната агенција за испитување на јавното мислење, БРИМА, реагираат на тврдењето на опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски дека нивното спроведено истражување, објавено на „Слободен печат“, било платено со владини пари на јавен тендер.

– Ексклузивното право на користење на резултатите од ОМНИБУС истражувањето на БРИМА, секција Политички Барометар, спроведено од 27 август – 9 септември 2021, е купено од страна на „Слободен Печат“ и не е платено од страна на Владата со пари од тендер од 120 000 евра на кој БРИМА воопшто нема конкурирано, велат од БРИМА.

Имено, Мицкоски за време на своето вчерашно гостување на телевизија Канал 5, меѓу другото, изјави и дека резултатите од истражувањето на БРИМА не се релевантни и дека очекува победа на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните Локални избори.

– БРИМА анкета е платена со владини пари на тендер. Победата на опозицијата на овие Локални избори не е доведена во прашање и тоа ќе биде крај на оваа Влада. Граѓаните ќе го кажат своето. Ние нудиме еден нов квалитет, најголемиот дел од кандидатите што ги предложи коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за првпат настапуваат, 95-96% се млади луѓе, луѓе на средни години, луѓе кои се мотивирани, храбри кои што имаат визија и план и проект за општината која што планираат во иднина да ја застапуваат пред своите граѓани. Јас сум убеден дека граѓаните тоа ќе го препознаат, бидејќи сосема спротивното на тоа е она што го нуди СДСМ, практично повторувачи, луѓе кои што практично, ја немаат довербата од граѓаните, ја имаат целосно изневерено. И најголем дел од кандидатите ан СДСМ се луѓе кои ќе претрпат сериозен поразн на следните локални избори. Со тоа ние како ВМРО-ДПМНЕ, како опозиција, комплетно ќе ја делегитимираме оваа ненародна Влада, изјави Мицкоски.

Исто така, вчеравечер реагираа и од страна на Владата. Оттаму велат дека тврдењето на Мицкоски е целосно неточно и побараа извинување од негова страна.

– На вечерашното гостување на телевизијата Канал 5, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ изнесе целосно неточна информација дека анкетата на Брима, објавена денеска од страна на медиум, била платена од владини пари на јавен тендер. Не постои јавна набавка за анкетата односно истражување на јавното мислење на Брима, ниту пак истата е платена со пари на граѓаните. Ваквите лаги се неодговорно однесување кон јавниот интерес и имаат за цел да и наштетат на Владата доведувајќи ги граѓаните во заблуда и поткопувајќи ја довербата во институцијата. Бараме од Христијан Мицкоски да се извини на граѓаните и на Владата за ваквата груба лага, стои во реакцијата на Владата.

Влада: Лага е изјавата на Мицкоски дека Владата платила за анкетата објавена од Брима, да се извини на граѓаните

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Русија ја продолжува забраната за увоз на храна од ЕУ и САД

Следно

Французите загрижени: Меси е блед, повеќе не влијае на играта

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian