Ципрас: Младите не сакаат гигабајти и џепарлак, сакаат визија и перспектива

4 mins read

За сите актуелни теми во Грција, како што се економијата, пандемијата, вакцинацијата, иднината на младите, односите со Турција, но и Договорот од Преспа, говореше лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас за време на традиционалната прес-конференција во Солун, во рамките на Меѓународниот саем, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас упати критики до актуелната Влада за начинот на кој ги третира младите, велејќи дека во изминатите две години ставот бил дека „за сè е виновна неодговорноста на младите”, а сега се обидува да ги придобие со мерки, како што е бесплатен интернет.

– Младите не сакаат гигабајти и џепарлак, сакаат визија, перспектива и план за да можат да студираат, да останат во земјата, да работат за достоинствена плата, порача Ципрас и додаде дека мерката што минатата седмица ја соопшти гркиот премиер за додатокот од 1.200 евра за вработување на младите, „всушност не е месечен износ, туку станува збор за 100 евра месечно за шест месеци”.

Истакна дека нивниот предлог е зголемување на најниската плата, што пред сè, се однесува на младите.

За ситуацијата со пандемијата во земјата, Ципрас направи споредба на денешните и податоците за време на ланската прес-конференција во Солун, за состојбата со Ковид-19 и истакна дека „се доказ за неуспехот на владината политика”, а Грција во изминатиот период, од август, според податоците од ЕЦДЦ „е првак во Европа според потврдени случаи и починати, односно втора по нови случаи, втора по смртни случаи”.

Посочи дека „вакцинацијата, што е важно оружје и надеж, не се движи онака како што требаше и се уште се ниски бројките, додавајќи дека и за ова постои одговорност, со оглед на тоа дека „мнозинството од граѓаните ја загубија довербата во Владата на Мицотакис”, која не може да ги убеди граѓаните да се вакцинираат.

– Перспективата за колективен имуните се оддалечува, мислам дека дефинитивно. Она што треба сега да го сториме е да се обидеме да ги убедиме сите наши сограѓани. Не станува збор за политичка конфронтација, тоа е прашање што пред сè, се однесува на здравјето на сите. Да се обидеме да ги убедиме граѓаните да престанат да бидат резервирани, рече Ципрас и повтори дека не станува збор за политичка или партиска конфронтација, туку нивната порака е „да за животот, да за вакцинација, не за логика на авторитаризам и поделбата, што ќе донесе спротивен резултат”.

На новинарско прашање зошто СИРИЗА не бара предвремени избори, Ципрас рече дека врз основа на Уставот, Мицотакис има одговорност кога ќе свика избори и „ако има храброст нека распише, во негови раце е”.

Паралелно, изрази убеденост дека СИРИЗА ќе ги добие следните избори кога и да се одржат.

За односите со Турција, Ципрас ја обвини Владата дека има „недостиг на национална стратегија”, нема стратегија за одбрана на суверените права и изгубила шанса по изборот на Бајден кога требаше да ја искористи за можност за дијалог.

– Мислам дека е неопходно да постои јасна национална стратегија, која ќе биде ефикасна и силна во одбраната на нашите суверени права, а истовремено ќе има стратешка перспектива за решавање на разликите во рамки на меѓународното право, истакна Ципрас.

Денешната прес-конференција на лидерот на СИРИЗА траеше три и пол часа, а Ципрас одговори на 44 прашања од новинарите, додека пак минатиот викенд, исто така во рамки на Меѓународниот саем во Солун, говор и прес-конференција одржа и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Алексис Ципрас, вчера, во неговиот говор ја претстави програмата на опозициската партија за „нов почеток за политичкиот систем, нов почеток за економијата, нов почеток за општеството”.

извор МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ЦСКА Москва тргна со победа во ЛШ, пет гола на Сара Ристовска

Следно

Почина легендарниот Бојси, ѕвездата на „Сплетки“

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian